Фото: EPA

„Берлинале“: Мартин Скорсезе ја прими почесната „Златна мечка за животно достигнување“

Американскиот режисер Мартин Скорсезе ја прими почесната награда „Златна мечка за животно достигнување“, која му беше врачена синоќа во рамки на 74. издание на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал („Берлинале“).

„Филмовите на Мартин Скорсезе живеат со публиката, неговите филмски ликови живееја и растеа со нас. Неговиот поглед на историјата и луѓето ни помогна да разбереме, но и да се запрашаме, кои сме и од каде доаѓаме“, изјави водителското дуо на „Берлинале“ – Мариет Рисенбек и Карло Чатријан.

Рисенбек и Чатријан го оценија последниот филм на Скорсезе – „Убијци на цветната месечина“ („The Killers of the Flower Moon“) како едно од најголемите достигнувања на режисерот.

„За нас е голема чест уште еднаш да го поздравиме големиот пријател на ‘Берлинале’ и да му ја врачиме нашата најважна награда“, најави водителското дуо.

Фото: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

По доделувањето на наградата беше прикажан филмот „Покојните“ („Departed“), дело на Скорсезе од 2006 година.

На прес-конференцијата, пред наградата, 82-годишниот режисер изрази оптимизам за иднината на филмот.

„Не мислам дека филмот умира, тој само се менува“, рече Скорсезе.

Тој додаде дека режисерите не смеат да бидат робови на технологијата, туку мора да ја насочуваат во корист на нивната креативност.

Да потсетиме, Скорсезе последен пат учествуваше на Берлинскиот меѓународен филмски фестивал во 2008 година, со документарниот филм за музичката група „Ролинг стоунс“ – „Светни светлина“ („Shine a Light“).

Најновиот филм на Скорсезе, „Убијци на цветната месечина“ („The Killers of the Flower Moon“), со Леонардо Дикаприо во главната улога, моментално е еден од главните фаворити за филмската награда Оскар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот