Ирена Димовска Митревска и Мила Влаисављевиќ

Бендот „Код 369“ и Мила Влаисављевиќ го претставија регионалниот хит-сингл „Конкретно“

Македонскиот бенд „Код 369“ („Code 369“), кој создава под покровителство на „Кроација рекордс“ („Croatia Records“), го претстави новиот сингл „Конкретно“ во соработка со пејачката Мила Влаисављевиќ. Песната обединува два силни женски вокали, проткаени со мелодии кои повикуваат на танцување и забава. Во текстот на песната се гледаат денешните односи и недостигот на конкретност.

Автори на песната се Мила Влаисављевиќ, одговорна за текстот, Даниел Митревски, член на „Код 369“, кој ја компонираше музиката, додека аранжманот е дело на целиот бенд.

Музичкото видео содржи динамични танцови снимки и енергична атмосфера, надополнувајќи ја пораката на песната. Ритмичката продукција и богатите инструментали даваат свежина и разиграност, правејќи го „Конкретно“ заразен сингл.

Бендот „Код 369“ е создаден како продолжение на музичките активности на членовите на групата „Памперс“, Ирена Димовска, Даниел Митревски и Иле Лулевски. Нивната музика носи уникатна комбинација на алтернативен и комерцијален рок и поп, додека ја одржува свежината, авангардниот дух и уметничката слобода. Нивните стихови често ги одразуваат универзалните човечки вредности, љубовта како движечка сила, личниот раст и потрагата по најдобрата верзија на себе.

– Соработката со Мила започна благодарение на Амир Бахтијаревиќ, кој нè запозна со неа. Тој беше личноста која нè поврза со „Кроација рекордс“, заедно со нашиот менаџерски тим од „Баги Комуникации“. Едноставно ни се јави и рече дека Мила би сакала да соработува со нас и да сними нешто во нашето студио. Затоа решивме да направиме нешто заедно. Текстот е модерен и женствен и решивме да го обработиме во дует, јас и Мила – изјавила вокалистката на „Код 369“, Ирена Димовска Митревска.

– Многу ми се допаѓа Битола, се чувствувам добредојдено од првиот момент кога пристигнав. Овој град брзо ми стана близок, а најзаслужни за тоа се моите колеги Ирена и Даниел од „Код 369“. Нашата соработка е, на некој начин, меѓународна и преку музика ги поврзуваме нашите земји: Македонија, Србија и Хрватска – истакнала пејачката Мила Влаисављевиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот