Бектеши: Спојувањето на концесиите на рудникот Иловица-Штука не значи автоматска дозвола за експлоатација

Крешник Бектеши / Фото: Фејсбук

Со непочитување на законот и неспојување на концесиите, ние ризикуваме да се најдеме пред арбитражен суд. Но спојувањето на концесиите не значи дозвола за експлоатација. Сега, за споената концесија, треба да се достави обемна документација, истражувања и елаборати, во согласност со новите закони што во меѓувреме стапиле на сила

Според законот за минерални суровини, неопходно е да се почитува правото на концесионерот „Еуромакс“ за спојување на двете концесии за ископување бакар и злато во Босилово и во Ново Село, во рудникот Иловица-Штука, но тоа не значи автоматски издавање дозвола за експлоатација за која треба уште многу документи, согласности и елаборат за животната средина, објасни на брифингот со новинари министерот за економија Крешник Бектеши.
Тој, веднаш по пристигнувањето од Вашингтон, ги презентираше сите случување од барањето за првата концесија во 2005 година досега и притоа презентираше долг список на документи, согласности и позитивни мислења дадени од многубројни институции, за кои вели дека веќе е информирана Владата, но дека и пак ќе ја информира на седница, како што е побарано.

– Министерството за економија досега трипати бара спојување на концесиите. Тоа е во согласност со член 61 од Законот за минерални суровини. И 100 пати би го побарале истото! Во случајов за двете концесии имаме еден ист концесионер, а просторно, во рамките на втората поголема концесија, се наоѓа помалата прва концесија. Со непочитување на законот и неспојување на концесиите, ние ризикуваме да се најдеме пред арбитражен суд. Но спојувањето на концесиите, не значи дозвола за експлоатација. Сега, за споената концесија, треба да се достави обемна документација, истражувања и елаборати, во согласност со новите закони што во меѓувреме стапиле на сила. Рокот за нив е четири години. Доколку во тоа не се успее, или ако Министерството за животна средина не даде позитивно мислење за елаборатот што треба да се достави според новата регулатива, тогаш Министерството за економија нема право да даде дозвола за експлоатација – рече Бектеши.

Тој објасни дека од барањето за првата концесија, иако низ годините пред „Еуромакс“ се споменуваат други две имиња, фактички станува збор за истата компанија. По мислењата за геолошки испитувања и за експлоатација, на 27 јуни 2012 година во „Службен весник“ е објавена Одлуката за концесија за експлоатација на бакар и злато со „Фелпс доџ Вардар“ ДООЕЛ. Тоа е одлука за помалата концесија и за неа, барањето за експлоатација е доставено во 2016 година, а дополнето во 2017 година.

– И со ова дополнување, имавме некомплетна документација, па Министерството за економија носи решение за одбивање – објаснува министерот и дополнува дека по тоа следувало раскинување на договорот.

За втората концесија, процесот не стигнал до одлука за концесија за експлоатација, но претходната процедура со многубројни позитивни мислења е истуркана, па во 2016 година „Еуромакс“ побарал спојување на концесиите.

– Надлежните излегоа на терен и Министерството за економија првпат даде предлог за спојување на концесиите во 2018 година. Бидејќи Владата не се произнесе, ниту позитивно, ниту негативно, нов предлог имаше во 2019-та. Потоа, се раскина договорот за првата концесија, па немаше што да се спојува. Но, бидејќи Управниот суд ја врати концесијата што беше раскината, „Еуромакс“ повторно побара спојување, а Министерството за економија на 27 јуни годинава достави ново барање до Владата – објасни Бектеши.

Владата позитивно се изјасни за спојувањето на концесиите, но потоа ретерираше најавувајќи седница на која ќе побара детално образложение од министерот Бектеши. Министри од СДСМ тврдеа дека се против отворањето на рудниците и дека биле во заблуда дека Управниот суд барал спојување на концесиите.
Минатата недела еколошките друштва повторно се кренаа на нозе и протестираа против отворањето на рудниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот