Насловна корица на романот / Фотографија: Бегемот

„Бегемот“ го објави романот „Плачеш како кит“ од Ѕвездан Георгиевски

Неодамна, во издание на издавачката куќа „Бегемот“, излезе од печат романот „Плачеш како кит“ од реномираниот новинар и писател Ѕвездан Георгиевски.

„Плачеш како кит“ е негов втор роман и следува по дебитантскиот роман „Недела дена во животот и смртта на Гроздан“, како и по збирката раскази „Да не бидам покусо“ и збирката есеи „Урбани топоними“. Објавувањето на книгата е поддржано од Министерството за култура на РСМ.

– „Плачеш како кит“ е слоевито, хибридно дело, чиј хронотоп се движи од една фиктивна лична приказна во македонската сегашност, преку навраќање во минатото низ пределите на Чиле и на Тихиот Океан со упатување на историски факти, низ бајковити предели на неодредени локации некаде во Европа, преку митолошко создавање на живиот свет, сè до една потенцијална иднина на Македонија во која превладува метафората на потонувањето.

Различните делови сочинуваат една кохерентна романескна целина. Имено, сите се поврзани со лајтмотивот на китот, симбол на благородните особини на луѓето што трагаат по нешто повеќе од она што им го одредила судбината, која тешко се победува, и чудовиштето, кое симболично го претставува стравот што ги прогонува ликовите од различни причини уште од нивното детство.

Преку оваа комбинација на приказни, на читателите им се дава функционален објектив низ кој ги следат сличните трансформации на оние што се соочуваат со смртта на блиските и со губењето на смислата – посочи рецензентката Калина Малеска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 177, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 6-7.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот