Баталјон трактори напредува кон „тврдината“ Делхи

Полицаец стражари покрај барикада од бетонски плочи, боцкава жица и камиони на приодот кон Делхи - Фотографија ЕПА, Хариш Тјаги

Неколку илјади земјоделци од северните житници Панџаб и Харјана вчера со долги конвои од трактори и возила, па дури и пеш, тргнаа кон главниот град

Полицијата во северна Индија употреби солзавец, а во Делхи крена барикади на приодите, во обид да ги запре илјадниците земјоделци што со трактори и механизација тргнаа кон главниот град, со барање да им бидат исполнети ветувањата за повисоки откупни цени на производите.

Незадоволството на земјоделците избувна пред две години, кога се согласија да ги прекинат повеќемесечните масовни протести и блокади откако владата им вети повисоки откупни цени. Новите протести почнаа во чувствително време, неколку месеци пред изборите на кои премиерот Нарендра Моди очекува трет мандат, а земјоделците се голема и важна гласачка база.

Синдикатите објавија дека пропаднале преговорите со министрите за кревање на минималните цени на низа земјоделски производи, поради што објавија марш кон Делхи заради зголемување на притисокот врз властите.

Земјоделците од индиските житници напредуваат кон главниот град – Фотографија Profimedia

Неколку илјади земјоделци од северните житници вчера со долги конвои од трактори и возила, па дури и пеш, тргнаа кон главниот град. Полицијата се обиде да ги запре со барикади и солзавец на преминот помеѓу сојузните држави Панџаб и Харјана, каде што се споиле колоните. Додека земјоделците со механизација ги отстранувале бетонските барикади, полицијата им пуштала солзавец од беспилотни летала. Кордоните покрај барикадите уапсиле непрецизиран број демонстранти.

Во исто време 230 километри на југ полицијата поставувала барикади од бетонски плочи, огради со боцкава жица, камиони и автобуси на главните приоди во Делхи. Полицијата забрани какви било собири во градот и веќе предизвика метеж и хаос со затворањето важни сообраќајни артерии.

Властите стравуваат дека може да се повтори пресметката со земјоделците од 2020 година, кога во речиси едногодишниот протест загинаа десетици луѓе.

Опозициската Конгресна партија го искористи протестот за да им изрази поддршка на земјоделците и да ја критикува владејачката индуска партија Баратија џаната на Моди дека не ги исполнува своите ветувања.

– Како последица на несоодветните пазарни цени и поскапувањето на суровините, земјоделците потонаа во долгови – изјави опозицискиот пратеник Џајрам Рамеш.

Владата вети минимални откупни цени на 20 земјоделски култури секоја година, но државните агенции откупуваат само ориз и жито, што задоволува само 6 отсто од земјоделците.

Барикадите ги очекуваат земјоделците – Фотографија ЕПА, Раџат Гупта

Синдикатите на земјоделците најавија дека покрај маршот кон Делхи, в петок сите земјоделци ќе излезат на патиштата и никој нема да работи, а пазарите, продавниците и канцелариите во селата ќе бидат затворени.

– Не сакаме да удираме врз барикади. Ние сакаме нашите проблеми да бидат решени преку дијалог. Но, ако властите не направат ништо, тогаш што да правиме? – изјави на прес-конференција Сарван Синг Пандер, еден од лидерите на земјоделските организации.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот