Плакат за второто издание на фестивалот „Credence Dance“

Балетскиот фестивал на ФМУ-Скопје станува дефиниран простор за афирмација и презентација на младите танчари

Нoвото издание на фестивалот „Credence Dance“ во организација на Катедрата по балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност во Скопје ќе се одржи oд 1 до 5 јуни во Националната опера и балет.

Балетскиот фестивал „Credence Dance“ се одржува вторпат и е дел од екстракуликуларните активности на студентите по балетска педагогија на Факултетот за музичка уметност при УКИМ во Скопје. Идејниот концепт на фестивалот е јасно дефиниран и претставува простор за афирмација и презентација на студентите и младите танчари преку нивните креации, изведби и продукциски ангажмани.

За само две години постоење, појдовниот концепт еволуираше и се дополни со нови содржини. Овогодишната програма е поставена на три изведувачки вечери со стилска дистинкција, која ја детерминира и содржината на секоја од фестивалските вечери, односно класичен балет и современ танц.

Во рамки на делот посветен на современиот танц предвидени се две програми (на 1 и на 5 јуни) на малата сцена на НОБ. На првата вечер ќе биде презентирано домашното творештво преку студентските изведби, но едновремено е обезбедено и присуство на алумни на ФМУ, Теодора Ежовска и Бојан Мицев, како и младата кореографка Јована Петровска. Како дел од овие изведби публиката ќе има можност да ги види интерпретациите на танчарите од Македонија, Германија и Италија.

Втората современа програма опфаќа студенти на ФМУ од насоката по современ танц подготвени од проф. Искра Шукарова, ученици од современата насока од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“ со кореографија на Александра Кочовска-Начева и Елена Антонова-Петровиќ, како и гости од катедрите за современ танц од Унгарија и Полска.

Вечерта на класичен балет, која ќе се одржи на 4 јуни на големата сцена на НОБ, прави конекција на подмладокот од ДМБУЦ „Илија Николовски Луј“, преку студентите до алумните на ФМУ, кои се дел од ансамблот на НОБ. Класичната вечер опфаќа дела од класичниот репертоар од балетите „Заспаната убавица“, „Лебедово езеро“, „Оревокршачка“, „Дон Кихот“ и др.

На сцената ќе бидат изведени креациите на примабалерината на Националната опера и балет Марија Кичевска-Шокаровска, солистите Ивана Коцевска, Христина Наќевска, Мирослав Митрашиновиќ, танчарите Ангела Велевска, Виолета Карајанова, Мартина Димовска и други.

Како гости на вечерта ќе настапат Ендрју Кук (Велика Британија), Франциско Хименез (Шпанија), Балаж Лочеј (Унгарија), членови на ансамблот на НОБ. Во подготовка на оваа програма беа инволвирани професорите Александра Мијалкова, Соња Здравкова-Џепароска и Горан Божинов.

Фестивалот традиционално доделува неколку категории награди. Најзначајното признание за трајни вредности во балетската уметност оваа година ќе го понесе најстариот претставник на првата генерација на македонски балетски играчи, долгогодишниот балетски критичар и автор на неколку книги г-ѓа Емилија Џипунова.

Покрај оваа награда ќе бидат доделени награди за најдобра балетска рецензија напишана од студентите, како и дипломи за млади надежи. Со фестивалот „Credence Dance“ се заокружува богатата агенда на активности кои во оваа година ги реализираше Катедрата по балетска педагогија на ФМУ, во кои се вбројуваат настапи во земјата и во странство, семинари, работилници и обуки.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 233, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот