
Бајиќ: Жалам што не можеме да ја покажеме вистинската сила
Селекторот Драган Бајиќ ги дочека сите 14 кандидати на првиот тренинг на сениорите пред јулскиот ФИБА „прозорец“. Сениорската репрезентација на Македонија со утринскиот собир во А1 Спортскиот Центар „Борис Трајковски“ во Скопје, денеска ги стартуваше подготовките за последните два натпревари во квалификациите за Светскиот Куп кој ќе се игра во 2023 година.
Препорачано
На првата прозивка се појавија сите повикани кошаркари: Војдан Стојановски, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Кристијан Николов, Дамјан Робев, Стојан Ѓуроски, Андреј Маслинко, Страхил Николов, Виктор Ташовски, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Тео Симиќ, Андреј Јакимовски и Рубин Стефанов.
Тоа е добрата вест за стручниот штаб, а Бајиќ ги споделува своите очекувања во пресрет на следните мечеви.
– Добро е познато дека уште ги немаме загубено шансите кога говориме за шансите за следниот круг, туку од Украина. Мора да ги одиграме што е можно подобро последните два меча. Повторно сме хендикепирани, ни недостасуваат неколку играчи. Секој круг се повторува истото, по моето доаѓање, никогаш не бевме комплетни. И жалам за тоа што не можеме да ја покажеме вистинската сила. Но, тоа е што е, ќе се обидеме да извлечеме максимум од двете средби и ако ни се даде шанса ќе одиме на победа – рече Бајиќ.
Селекторот вели дека мора да постои стратегија како понатаму..
– Мора да имаме стратегија со екипата, посебно со младите играчи. Мора да се насочиме и кон нив, за во некоја блиска иднина повторно да имаме добри резултати. Не можев да ги видам сите играчи кои ги сакав од младите, некои беа со младинскиот тим и им дозволив да бидат таму. И тука имаме некои млади имиња, кои ќе добијат шанса на последните два меча – вели нашиот селектор.
Прво гостуваме кај Шпанија (1 јули), а потоа за крај следи домашен меч со Украина три дена подоцна.