
Бабиш планира коалиција со крајната десница во Чешка, најавува послаба поддршка за Украина
Чешкиот популистички милијардер Андреј Бабиш изјави дека може да прифати министри номинирани од евроскептични и крајнодесничарски партии во владата што се обидува да ја формира, откако неговата партија АНO победи на парламентарните избори, но не освои мнозинство, oбјави „Ројтерс“.
Препорачано
Бабиш првично рече, по изборите одржани на 3 и 4 октомври, дека сака малцинска влада составена само од АНO, која во Парламентот ќе биде поддржана од евроскептичната партија „Мотористи“ и крајнодесничарската, анти-ЕУ и анти-НАТО партија СПД, но двете партии побараа да бидат дел од владата.
„Преговараме за заедничка влада. СПД треба да има одреден број министерства во кои сакаат да постават (непартиски) експерти кои ќе ги претставуваат, а ‘Мотористите’ сакаат таму да имаат нивни политичари кои се кандидираа на изборите,“ изјави Бабиш во видео порака на социјалната мрежа Фејсбук.
АНO е членка на групата „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент заедно со голем број крајнодесничарски партии. АНO планира да не ги спроведува веќе договорените пактови на Европската унија за миграцијата и декарбонизацијата. „Мотористите“, кои исто така се членови на „Патриоти за Европа“, се спротивставуваат на укинувањето на моторите со внатрешно согорување и на другите климатски политики.
Бабиш ќе ѝ дава помала поддршка на Украина
СПД сака референдум за излегување од ЕУ и од НАТО, но Бабиш строго ги одби таквите чекори. СПД, исто така, побара прекин на целата помош за Украина, вклучително и средствата за стотиците илјади бегалци што живеат во Чешка.
Бабиш најави дека повеќе ќе се фокусира на внатрешните и европските прашања и дека ќе ѝ дава помала поддршка на Украина во споредба со заминувачката центар-десничарска влада, вклучително и разгледување на можноста за укинување на чешката програма за испорака на артилериски гранати за Киев. Тој ја критикуваше програмата поради, како што вели, превисоки цени и недостаток на транспарентност.
Претседателот Петр Павел, кој помогна во создавањето на оваа програма и кој е клучен играч во постизборните преговори бидејќи го назначува премиерот, во понеделникот ги повика партиите да ја задржат иницијативата.
Формирањето на новата влада ќе трае со недели
Доколку Бабиш постигне коалициски договор, формирањето на новата влада сепак ќе трае со недели.
Во вторникот Павел ја закажа првата седница на новиот Долен дом на парламентот за 3 ноември.
На таа седница првин ќе треба да се избере нов претседател на Домот, пред формалната оставка на заминувачката влада — што е и најраниот момент кога може да се назначи нов премиер.
Словачка испраќа воена помош во Украина за прв пат откако Фицо дојде на власт