
Аврамовски: Извршната прави упад во судската власт со интерпелацијата на членовите од Судски совет
Собранието нема моќ да ги разрешува членовите на Судскиот совет и тоа може да се протолкува како упад на извршната во судската власт, изјави во магазинот „Трилинг“ директорот на Коалицијата „Сите за правично судење“ по поднесената интерпелација во Собрание за петмина членови од Советот избрани во законодавниот дом.
Препорачано
-Сега од друга страна, тоа може да се протолкува како упад на извршната во судската власт, но исто така и законодавната, бидејќи интерпелацијата е прашање кое што го покренуваат пратениците, а не членови на извршната власт – смета Аврамовски.
Тој ја објаснува постапката за интерпелација и дека таа и да се изгласа со оглед на тоа дека на нејзе се потпишани 67 пратеници, сепак членовите ќе треба сами да се повлечат.
-Постапката за интерпелација постои како опција што Собранието може да ја поведе против оние функционери кои се избрани од страна на Собранието. Интерпелацијата не значи дека по автоматизам престанува мандатот на функционерите избрани од Собранието Во таква ситуација се согласувам со претседателот на Судскиот совет кој вели дека единствено Советот во оваа ситуација може да разреши член од сопствените редови врз основа на законските одредби, додека, Собранието преку постапката за интерпелација може да направи само форма на притисок за да ги натера членовите против кое е поведена интерпелацијата и за кои е изгласан заклучокот дека тие не ги извршуваат своите задачи согласно интенцијата на органот кој ги избрал и така да ги примора тие самите да се повлечат од своите позиции – вели тој.
Според него, сржта на проблемот во правосудството не лежи исклучиво во Судскиот совет.
-Собранието е тоа коешто бира пет од членовите на Судскиот совет. Ако тие се незадоволни од работата на истакнатите правници кои ги бираат да бидат членови на Советот, Собранието во секој случај може да се запраша и да направи ревизија на сопственото постапување – како и зошто постојано избира лица коишто очигледно не можат да ја вршат оваа функција онака како што треба. Така што пред да започнеме со некои укажувања на тоа дека ќе бидат разрешени членовите на Судскиот совет, би било многу подобро доколку видевме конкретен план како би се избрале новите членови на Судскиот совет, за барем да бидеме уверени дека имаме некаков план, за во иднина да може да даде некои одржливи резултати на долг план – порачува Аврамовски.