Плакат за промоцијата на албумот „Кичобал“ (Kichobal) во „Макка бар“

Асоцијацијата „Аксиома“ концертно ќе го промовира новиот албум на Јордан Костов Квартет

Концертната промоција на албумот „Кичобал“ (Kichobal) на Јордан Костов Квартет ќе се одржи на 28 февруари, од 21 часот, во „Макка бар“ во Скопје.

Станува збор за жанровски хибриден албум кој содржи ориентално-балканска фриџез-фузија на четворица извонредни музичари, кои умешно излегуваат од ортодоксниот домен на свирење на своите инструменти, во полза на создавање уникатен музички израз.

Самиот Костов, веројатно, најфино ја определува оваа музика кога вели дека таа настанала за време на неговите бројни скитања низ Далечниот Исток: во возови, автобуси, на мотоцикли итн.

Квартетот на Јордан Костов е составен од Филип Букршлиев (електрична гитара), Стефан Карастојанов (контрабас), Драган Теодосиев (тапани) и Јордан Костов (хармоника). Сите се веќе афирмирани музичари на македонската, балканската и светската авангардна сцена и тие, посебно или заедно, зад себе имаат над 50 албумски изданија.

Букршлиев и Теодосиев ја добија наградата „Најдобар млад џез-музичар“ од светски реномираниот Скопски џез-фестивал, за 2021 и 2023 година. Двајцата членуваат, покрај нивните други бројни состави, во ноар-џез квартетот „Такси конзилиум“ (Taxi Consilium), чијшто деби-албум (Essential Sunday Gloom) беше избран меѓу најдобрите џез-албуми за мај 2021 година од музичката платформа „Bandcamp“.

Јордан Костов е нашиот најактивен талкач по светските меридијани, авторски плоден музичар, секогаш во потрага по нови модуси за извртување на очекувањата од аудитивните средби помеѓу Истокот, Западот и Балканот, кој никако да одлучи која страна ја претпочита.

– Музиката на Костов слободно ги интерпретира и интерпенетрира музичките наследства на црнечката џез-традиција, Балканскиот „миш-меш“ и бескрајното аудитивно богатство на Далечниот Исток. Крајниот резултат честопати ги изневерува очекувањата во поглед на тоа како хармониката „треба“ да звучи. Костов има пронајдено начин неговата хармоника да звучи како универзален преведувач, културен апропријатор и магичен интегративен фактор во еден уникатен музички дијалог – истакнуваат од „Аксиома“.

Снимањето, миксот и мастерот на албумот го направи Ивица Јанкуловски. Снимен е во септет формација, а покрај наведените музичари, во снимањето учествувале и Александар Бошков, на втора електрична гитара, Дамјан Грујо, на перкусии, и Оливер Настовски, на гајда. Сите композиции се на Јордан Костов, дизајнот на каверот го направи Кристијан Новковски, а извршен продуцент за „Аксиома“ е Вангел Ноневски. Ова е втор албум на новото, но мошне амбициозно музичко издаваштво на „Аксиома“.

„Аксиома“ е асоцијација за културна соработка и истражување, која организира интердисциплинарни и мултиуметнички настани/проекти, организира концерти, издава книги од областите на современата естетика, ремикс-културата, критичките теории и сл., организира изложби и работилници за млади и потајно навива македонската авангардна или „терсене“ музика да стане идеја-водилка на сите уметности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот