МКЦ / Фото: МИА

Арсовска го разреши директорот на МКЦ, а пред само два месеца му ја додели наградата „13 ноември“

Скопската градоначалничка Данела Арсовска денеска го разрешила в.д. директорот на Младинскиот културен центар, Ванчо Богоев, кој на директорската фотеља седна пред точно една година, веднаш откако Арсовска стапи на функцијата.

Информацијата за „Фокус“ ја потврди самиот Богоев, кој вели дека „поминал цела голгота“, особено последната недела.

„Денеска ме викнаа да ми го врачат решението за разрешување од функцијата без никакво посебно образложение, освен што е наведено дека заклучно со утре изминуваат шест месеци. Како тоа сега им пречам како директор и не ми продолжија, кога претходно без никаков проблем ми ги продолжуваше мандатот. Или, причина за тоа е што се спротиставив и не играм по нивно“, вели Богоев за „Фокус“.

Тој додава дека главните проблеми почнале откако се побунил дека буџетот на МКЦ за една година изнесува два милиона денари (околу 32.000 евра), што според него е срамно.

„Генералниот секретар на Арсовска, Зоран Глигоров, цела недела ми се закануваше со разрешување, ме уценуваше и малтретираше. Што очекуваат да се направи само со два милиони денари буџет за целата програма на Младинскиот културен центар? Оттука почнаа несогласувањата. Јас работам 36 години во оваа институција. Истата таа градоначалничка која на 13 ноември лично на мене ми ја додели 13-ноемвриската награда, за два месеци ме разрешува“, вели Богоев.

Арсовска во само неколку месеци ги разреши и сите директори на јавните претпријатија, кадри на ВМРО-ДПМНЕ, кои дојдоа на функција благодарение на нејзината политичка соработка со партијата. Градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ, со чијашто помош беше избрана на функцијата, се скараа есенва, кога таа обвини дека кадрите на партијата правеле малверзации со тендер за изградба на пречистителната станица на Вардар во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот