Армија од неработници ја цица Пошта и ја праќа во амбис

Синдикатот на Македонска пошта денеска одржа прес конференција пред Владата Фото: Слободен печат/Бесна Дамчевска

Имаме 15 подружници, 15 директори, шефовски места, членови на Управен одбор, советници, стручни помошници…, а сè помалку работници во технолошкиот процес, изјави претседателот на Синдикатот на Македонска пошта, Боро Велигденов

Да се направи систематизација и реорганизација на Поштата за да може нормално да работи, пазарно да се ориентира и да создава приход, бараат од Синдикатот на Македонска пошта кој денеска протестираше пред зградата на Владата, стравувајќи за своите работни места и за опстанокот на оваа национална институција.

Пошта постојано тоне во долгови. Акумулираната загуба, заклучно со 31 декември 2022 година (според последниот финансиски извештај) е 18,7 милиони евра, а има 1.998 вработени. Од Синдикатот на Пошта повторија дека таму се вдомени многу партиски војници, и дека има огромен број директори, а дека оние што ја извршуваат неопходната поштенска работа ги нема во доволен број.

– Македонска пошта е дојдена до работ на своето опстојување и се доведени во опасност нашите работни места. Минатиот месец на протестот побаравме итна средба со Управниот одбор за да го отпочнеме социјалниот дијалог и за да се направат неопходните реформи. Меѓутоа одговорните не присуствуваа на состанокот и со тоа го нарушија начелото на договарање. Затоа пративме барање до Владата за да ги дискутираме процесите на рехабилитирање на Поштата кои се навистина неопходни затоа што состојбите се крајно сериозни и од ден на ден се продлабочуваат. Но, до денеска сè уште немаме никаков одговор. Од тоа може да констатираме дека ние вработените сме оставени сами на себе – изјави Боро Велигденов, претседател на Синдикатот на македонска пошта.

Тој рече дека сегашен приоритет е да се направи систематизација на вработените, за што уште пред 5 години Управниот одбор донел заклучок за отпочнување на процесот и назначена е комисија. Систематизацијата е и дел од спогодбата што беше потпишана пред две и пол години, за време на тогашниот штрајк.

– Комисијата за систематизацијата сè уште не е почната со работа. Затоа ние како синдикат веднаш почнуваме со подготвување на систематизацијата во која ќе бидат вклучени сите работници, а ќе ангажираме и експерти. Целта е која и да е наредната влада, по изборите веднаш да се приложи таа нова систематизација и безусловно да се прифати. Така, Македонска пошта може да почне веднаш со процесот на реформи – вели Велигденов.

За Синдикатот најважно е да престане процесот на лошата кадровска политика и на партизацијата.

– Ваква систематизација и ваква организација на работа, веруваме дека не постои ниту во една институција. Имаме 15 подружници, 15 директори, шефовски места, членови на Управен одбор, советници, стручни помошници…, а сè помалку работници во технолошкиот процес. Нам ни треба систематизација според потребите на друштвото и на пазарот. Главен акцент треба да ставиме на технолошкиот процес, односно на обработката на пратките. Така само може да ги надминеме аномалиите што се јавуваат во работењето на Пошта и да се позиционираме на пазарот, односно да ја вратиме македонската пошта на граѓаните, со редовна достава на пратки. Ние имаме работници што не доаѓаат на работа, или доаѓаат еднаш неделно на работното место – вели Велигденов.

Тој објаснува дека поради финансиската криза во Поштата, работниците постојано се под стрес дали ќе си ја добијат платата.

– Во наредниот период со сите вработени ќе се организираме, ќе организираме протести и штрајк. Сега се прават анкети и се информираат вработените за нивно поголемо учество во натамошните активности во насока на заштита на работничките права. Затоа што сега сме во предизборен период, се консултираме со членството за времето на идните активности – вели Велигденов.

Тој рече дека на Синдикатот му е јасно дека сега во предизборието не може да се потпише нов колективен договор, но дека имало работна група што уште пред една и пол година го изготвила и дека тој се остава за по изборите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот