Јаболкницата на Исак Њутн / Фото: Profimedia

ФОТО | Археолози пронашле бројни артефакти во близина на јаболкницата на Исак Њутн

Археолози во Велика Британија открија изобилство артефакти на местото каде што некогаш се наоѓала куќата во која живеел Исак Њутн, пишува „АртНет“.

Куќата, која била уништена во пожар пред околу 200 години, стоела покрај полето со јаболкницата што ја инспирирала познатата теорија за гравитацијата.

Локацијата во Линколншир, во централна Англија, се наоѓала во близина на имотот Волсторп, каде што е роден Њутн и каде што, откако мајка му Хана Ајскју го оставила на тригодишна возраст, го одгледувале баба му и дедо му. Хана се омажила за свештеникот Барнабас Смит, но по неговата смрт седум години подоцна, се вратила во Волсторп заедно со трите деца од тој брак. Њутн продолжил да живее со баба си и дедо си, а подоцна стрико му го насочил кон високо образование.

Фото: Инстаграм/National Trust Archaeology

Примарната цел на ископувањето била да се потврди точната локација на куќата на Хана Ајскју. Пред пет години, британскиот Национален фонд ја купил парцелата врз основа на охрабрувачки археолошки истражувања и скица од крајот на 18 век изработена од уметникот Џозеф Чарлс Бароу, на која е прикажана куќата. Доказите сега се недвосмислени.

За време на десетдневното ископување, археолозите од Националниот фонд и организацијата „Јорк археолоџи“ пронашле керамика, фрагмент од бокал од 17 век со лик на маж со брада, жетони за игри, три напрстока (два за возрасни и еден детски), дел од игла, копчиња и животински коски, кои укажуваат дека семејството тука подготвувало месо.

„Артефактите се токму она што се надевавме дека ќе го пронајдеме. Заедно, тие нудат препознатлив и опиплив приказ на домашниот живот на семејството на Њутн. Тој веројатно поминувал многу време влегувајќи и излегувајќи од куќата на својата мајка“, изјавила археологот од Националниот фонд, Розалинд Бак за „АртНет“.

Фото: Инстаграм/National Trust Archaeology
Фото: Инстаграм/National Trust Archaeology
Фото: Инстаграм/National Trust Archaeology

По чистењето и подготовката, дел од наодите ќе бидат изложени во Волсторп во 2026 година, во поставка посветена на куќата на Хана Ајскју.

Овој имот бил место на некои од најголемите откритија на Њутн. Кога во 1665 година избила чумата, тој бил испратен дома од Кембриџ универзитетот и во следните 18 месеци, како млад дваесетгодишник, ги поставил темелите на модерната наука. Во тој период Њутн го опишал инфинитезималниот смет, законите за движење и гравитација, како и природата на светлината и боите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот