Анкетите го предвидуваа неговиот пад, но Ердоган влегува во вториот круг како фаворит

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган в недела влегува во вториот круг од изборите како фаворит и се уште ги држи уздите на власта, наспроти анкетите кои пред две недели предвидуваа дека опозицискиот кандидат Кемал Киличдароглу ќе го спречи да освои трет мандат.

Во неколку недели пред првиот круг од парламентарните и претседателските избори на 14 мај, кои многу аналитичари го најавуваа како клучен во историјата на Турција, анкетите предвидуваа дека, поддржан од разновидна, но обединета опозиција, Киличдароглу ќе победи и ќе стави крај на дведецениското владеење на Ердоган. Но, се покажа дека долговечниот турски лидер сè уште ужива поддршка од народот и сè уште ги држи уздите на власта, и покрај економската криза и високата инфлација во последните години, но и покрај болните последици од разорниот февруарски земјотрес на југоистокот на земјата. Турската опозициска партија тврди дека имало нерегуларности при пребројувањето на гласовите

Партијата на правдата и развојот (АКП) на Ердоган загуби некои пратенички места во споредба со изборите во 2018 година, но заедно со националистичката партија МХП лесно освоија мнозинство во парламентот од 600 места. Ердоган, пак, освои 49,5 отсто, повеќе од очекуваното, но недоволно за победа во првиот круг од претседателските избори.

Ердоган има големи шанси да победи во вториот круг, пишува француската новинска агенција АФП врз основа на политичката анализа на групацијата Евроазија. Анкетата на турската агенција Ареда во неделата покажа дека Ердоган води со 52,4 отсто од гласовите, а анкетата спроведена од Оздемир во вторникот предвидува 54 отсто. Дополнителен, но не и неочекуван удар на опозицијата во понеделникот и зададе Синан Оган, кандидатот на националистичката алијанса АТА, кој беше трет во првиот круг со околу пет отсто освоени гласови. Оган реши да го поддржи Ердоган во вториот круг.

И Ердоган и Киличдароглу се обидоа да ги освојат гласовите на 2,8 милиони гласачи кои го поддржаа Оган во двете недели меѓу двата изборни круга. Неговата алијанса АТА пропадна по првиот круг, а лидерите на две од четирите партии решија да ја поддржат опозицијата и Киличдароглу. Лидерот на опозициската секуларна Републиканска народна партија (ЦХП) Киличдароглу предвидува дека борбата сепак ќе се води до самиот крај.

Киличдароглу врти десно

Имено како што пишува Н1 на оваа тема Киличдароглу го постигнал најдобриот резултат од сите кандидати кои се обидоа да го победат Ердоган досега. Успеа барем делумно да ја обедини очигледно некомпатибилната опозиција, дури и да ги надмине етничките поделби и конечно, и покрај тоа што Ердоган владее со медиумите и државните институции, успеа да собере речиси 45 отсто од гласовите. Киличдароглу, 74-годишен политичар кој делува посмирен од Ердоган, го освежи својот тим по првиот изборен круг и ги промени плановите во најтешката недела од неговата политичка кариера, пишува Франс прес. Тој реши да удри со тупаница на масата и вети дека Турција веднаш ќе се ослободи од милиони сириски бегалци.

Тој популистички потег во обид да ги придобие гласовите на националистите веројатно нема да му се допадне на неговиот електорат. Свртувањето надесно може скапо да го чини, особено со гласачите во претежно курдските региони кои масовно гласаа за него во првиот круг.

Пријателските односи на Ердоган со Путин остануваат?

Ердоган, од друга страна, не ја менува својата победничка формула и се држи до суверенистичките, националистичките и исламистичките фондации што ги користеше во изминатите две децении и не се откажува од ниту една контроверзна политика, на пример пријателски односи со рускиот претседател Владимир Путин. Со оглед на тоа дека ги зачувал односите со Русија, Ердоган заштедил милијарди долари на цената на енергетските производи, па нагласи дека токму со неговиот „балансиран“ пристап кон Путин успеал да посредува и за постигнување договор за извоз на Украинско жито низ пристаништата на Црното Море. Анкетите покажуваат дека мнозинството Турци ја поддржуваат оваа форма на автономна и неутрална надворешна политика.

За многу турски граѓани, Ердоган има татковска фигура, стабилност што опозицијата не успеа да ја разниша и покрај сите проблеми со кои се соочува секуларната земја со мнозинско муслиманско население од 85 милиони жители. Турскиот весник Хабертурк оценува дека политички и културолошки земјата се уште не е подготвена за промени. Се чини дека Ердоган ќе добие трет мандат во вториот круг од изборите и ќе ја започне својата трета деценија на чело на Турција, со која ќе владее до 2028 година доколку победи во недела.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот