Анкета на ИКС: Една четвртина од младите се загрижувачки пречесто на социјалните медиуми

Тинејџери седат во Градски парк / Скопје, септември 2020 / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Кај луѓето што се зависни од социјалните медиуми може да се забележи појава на вознемиреност, особено кога нема достапност до социјалните мрежи, постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, при поставување слика на профилите постојано се проверуваат коментарите и лајковите, користењето на социјалните медиуми е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина, а настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.

Младите почесто пасивно ги консумираат вестите, односно почесто наидуваат на вести додека прават други работи отколку што активно ги бараат и ги проверуваат информациите. Читањето вести често ги предизвикува да ги споделуваат усно или онлајн со пријатели и колеги и да ги читаат коментарите од други луѓе на вестите на социјалните медиуми, а поретко практикуваат директно и јавно да реагираат со свое пишано мислење за одредена вест. Во однос на темите, кај младите постои помал интерес за политичките случувања во државата, економијата и социјалната правда, а забележале неточни или погрешни информации за политика, познати личности и за криминал и корупција.

Ова го покажуваат податоците од анкетата на Институтот за комуникациски студии (ИКС) во пресрет на претседателските и парламентарните избори, чија цел е да се утврдат навиките за користење на медиумите и вестите кај младите луѓе, нивната способност да ги препознаваат дезинформациите во медиумите и како се граѓански и политички ангажирани.

За младите, Инстаграм, Фејсбук и Јутјуб се најинтересни социјални мрежи за следење вести, а најпривлечни им се вестите за образование, наука и технологија.

– Иако веруваат дека само некои од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а речиси една четвртина се загрижувачки пречесто на социјалните мрежи, за младите активното пребарување и реагирање на информациите не е вообичаено. Се сметаат за способни да препознаат дезинформации во медиумите, но повеќе од половината можеби споделиле дезинформации без да знаат. Според младите, политиката и политичките партии се извор на најмногу неточни или погрешни информации. Додека нивните политичките ставови за општествените случувања во државата се нечујни, велат од ИКС.

Младите имаат критичен однос кон вистинитоста на споделените информации, но и мала насоченост кон идентификување на емоционалниот тон на веста, на што треба да се посвети повеќе внимание при едукациите за медиумска писменост. Тие за себе мислат дека се успешни во препознавањето на дезинформациите, иако над половина (51%) одговориле дека можеби споделиле без да знаат дека е дезинформација. Само 13,4% сметаат дека поголем дел од информациите на социјалните медиуми се вистинити, а 34,3% пријавиле присуство на дезинформации во медиумите. Речиси 2/3 од младите испитаници сметаат дека главни креатори на дезинформациите се политичките партии.

– Кај испитаните млади луѓе се забележува изразена заинтересираност за јавните работи. Во однос на нивниот граѓански ангажман, над половина (53%) од испитаниците биле вклучени во некаков вид волонтерска активност за решавање на локалните проблеми. Во поглед на изборниот ангажман, 39,8% испитаници се изјаснија дека редовно гласаат, а понекогаш гласаат 16,7%. Но, кога беа прашани за нивниот „политички глас“, најчест одговор на младите испитаници е „Не сум го направил/а тоа“ за серија понудени активности што претставуваат манифестација на политички ставови во однос на определени општествени случувања, како што се: акции за собирање средства во добротворни цели, учество во протест, средба со некој политичар функционер, потпишување писмена петиција, бојкотирање компанија поради нејзините општествени вредности и сл., се додава во соопштението.

Во однос на употребата на социјалните медиуми, 5 отсто од испитаниците спаѓаат во критичната група на висока зависност од социјални медиуми, но забележителен е и процентот на испитаниците (19%) што се блиску до критичниот резултат за дијагностицирање на ваквата зависност. Кај луѓето што се зависни од социјалните медиуми може да се забележи појава на вознемиреност, особено кога нема достапност до социјалните мрежи, постојано се проверува телефонот кога ќе се слушне звукот за известување, при поставување слика на профилите постојано се проверуваат коментарите и лајковите, користењето на социјалните медиуми е првото и последното нешто во денот, односно вообичаена рутина, а настаните се проценуваат според тоа колку се вредни за „прикачување“.

Анкетниот прашалник е спроведен во периодот од декември 2023 до март 2024 година на примерок од 345 испитаници на возраст од 18 до 29 години со различни демографски и социоекономски карактеристики (средношколци, студенти, невработени и вработени). Истражувањето е дел од проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот