Фото: Анима Мунди

„Анима Мунди“: Заменик-директорот на „Македонија пат“ се фотографира со мечка што ја застрелал и позира како да е трофеј

Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“, објави фотографии од заменик-директорот на „Македонија пат“ и претседател на Унијата на ветерани во Демир Хисар, Сашо Дранго, фотографиран со мечка што ја застрелал во декември.

-Мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането. Фотографиите до кои дојде „Анима Мунди“, покажуваат дека Дранго откако ја убил мечката, ладнокрвно позира со неа како да е трофеј, што само го отсликува неговото умоболно хоби, за што говорат и неговите фотографии од убиени различни диви животни на социјалните мрежи – реагира здружението.

Тие велат дека станува збор за човек, втор во хиерархијата во јавно претпријатие кој треба да биде пример за почитување на законите, а не сторител на кривични дела.

-Оттаму, се отвора прашањето дали Дангов е недопирлив за правдата само затоа што е политичар и колку пати го има извршено овој монструозен чин? Според член 11 од Законот за дивечот и ловството, мечката е класифицирана како дивеч под заштита, што значи дека нејзиното ловење, прогонување или вознемирување е строго забрането.
Дополнително, член 14 од истиот закон предвидува дека ловењето на мечката е трајно забрането, без исклучоци. Според член 228 од Кривичниот законик, ловењето на дивеч под заштита, како мечката, е казниво со затворска казна од една до пет години – додаваат од „Анима Мунди“.

Од Здружението порачаа дека цивилизиран човек е само оној кој има почит кон сите живи битија, а не оној кој ги деградира нивните живеалишта, им упаѓа во животната и природна територија и вооружен до заби убива.

„Анима Мунди“ најави дека ќе поднесе кривична пријава против Дранго, и очекуваат негово разрешување од функцијата, бидејќи вршителите на јавни функции треба да бидат синоним за одговорност, отчетност и почитување на законите, наместо со пушки в рака да убиваат заштитени видови животни и притоа да не одговараат.

-Бараме законот да важи за сите и за овој злочин против природата во кој животот го загуби едно скапоцено животно да следува највисоката казна предвидена со закон – порачаа од Здружението.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот