
Ангелов: Сите агресивни кучиња треба да се евтаназираат
За да се реши проблемот со бројните каснувања на граѓани од страна на бездомните кучиња, надлежните предлагаат евтаназирање на сите агресивни кучиња кои нападнале еднаш или повеќе пати и тоа исклучиво во случај доколку никој не сака да ги вдоми ваквите животни.
Препорачано
Според првиот човек на ЦУК Стојанче Ангелов, ова е едно од можните решенија за да се стави крај на стотиците пријави годишно за каснување на деца но и на возрасни и тоа на целата територија на државата.
– Сите агресивни кучиња да се тргнат од улица и да се евтаназираат освен во случај кога некој сака да ги вдоми. Најпрвин се огласува дали некој е заинтересиран да бидат вдомени, доколку некој сака да ги вдоми, потоа да ги ресоцијализира и да се погрижи за нив. Но доколку никој не сака да ги вдоми истите треба да бидат евтаназирани односно на хуман начин убиени. На тој начин би се справиле само со агресивните кучиња кои што веќе нападнале во еден или во повеќе наврати – вели Ангелов.
Според него, друг начин да се намали бројката на бездомни животни по улиците е и понатаму да се применува масовната стерилизација која како што нагласи, ја спроведуваат стручни лица од ЈП „Лајка“ на територија на Град Скопје.
Инаку, првиот човек на ЦУК денеска излезе со фрапантни податоци. Имено, за само три години 3 660 граѓани биле напади од кучиња, од нив 498 се деца.
– Од страна на ЦУК до МВР беше побарано да направат анализа за нападот на кучиња во последните 3 години. Од нивна страна беше изработена една опсежна анализа чии податоци се навистина сериозни и укажуваат на сериозноста на оваа појава. Во 2020 година има 1 602 напади на кучиња врз луѓе, во 2021 евидентирани се 1 315 пријавени напади на улични кучиња, а во 2022, до сега има пријавени 1 283 напади на кучиња или вкупно 3 660 напади на кучиња за само 3 години. За да биде состојбата уште поалармантна од овие напади дури 498 се деца. Ако на тоа додадеме и дека има одредена бројка на напади од кучиња кои не се пријавени и ги немаме во систем тогаш состојбата е поалармантна – изјави првиот човек на ЦУК.