фото: kfsm.mk

Андреј Маслинко: Ќе одиме на победа на секој натпревар во Талин

Андреј Маслинко е повторно дел од македонската кошаркарска сениорска репрезентација. И извесно е, важи за еден од оние играчи кои треба да ги покриваат оние „внатрешни позиции“ во ростерот на националната селекција која ова лето е дел од олимписките претквалификации кои стартуваат на 12 август со турнирот во Талин, а кои продолжуваат во полскиот град Гљивице.

– Подготовките само што започнаа. Се подготвуваме, макар што сè уште не сме комплетни, односно, допрва треба да се комплетираме. И искрено се надевам дека ќе имаме доволно време до пријателските натпревари да се подготвиме, и да дадеме некој свој максимум – вели Маслинко.

Дали оние две проверки против Полска, на „неутрален терен“ во Белград, ќе бидат доволни за да бидеме максимално подготвени за она што нè чека во Талин?

– Краток е периодот на подготовки. И нема доволно време за натпревари. Од таа гледна точка, натпреварите се добредојдени. Доколку има уште некој меч, тоа би било голем плус. Меѓутоа, тоа е што е, мораме да се подготвиме најдобро што можеме – рече Маслинко.

Љубомир Младеновски по пауза од една година повторно е дел од репрезентацијата

Реално, колку победи може да се очекуваат на турнирот во Естонија. И дали можеме да направиме нешто повеќе, односно да имаме прогресија во следната фаза од претквалификациите за Олимпијадата во Париз?

– Да бидам искрен, не ги познаваме, сè уште, доволно ростерите на противниците. Јас се надевам на успешни игри. Ќе одиме максимално, до крај. Ќе одиме на победа на секој натпревар. И се надевам дека можеме да се надигруваме со сите селекции кои ќе бидат таму во Талин – дополнува крилото на нашиот сенироски национален тим по приклучувањето на подготовките кои во наредниот период продолжуваат во салата на СРЦ „Кале“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот