фото: kfsm.mk

Андреевски: Како селектор нема да барам никакви оправдувања за лошата игра

Македонија тргна далеку под очекувањата на Европското првенство за кошаркари „Под 18“ години Дивизија А во Белград, Србија. Загубија нашите јуниори убедливо од еден, според селекторот Горан Андреевски, главните фаворити за највисоки пласман на шампионатот во Србија, селекцијата на Литванија.

– Очекувањата беа да прикажеме максимална борбеност во одбраната. Не можам да кажам дека играчите не пробаа да дадат максимум. Едноставно Литванците беа многу поквалитетен противник. Факт е дека сме во една од најтешките групи, во која, Србија и Литванија се претенденти за титулата на првенството – вели Андреевски.

Селекторот ги анализира сите оние лоши моменти во играта на нашата јуниорска репрезентација:

– Многу потфрливме под кошевите и во рекетот. Литванците нè натскокаа, имаа 40 скока повеке од нас, од кои преку 20 беа офанзивни. Поинаку кажано, 60 поени им беа од рекет. Следствено на нивната доминација под кошевите, каде моравме да удвојуваме, лесно правеја „висок играч“, а и лесно асистираа, имаа дури 40 асистенции – се зборовите на нашиот селектор.

Свесен е Андреевски дека еден ваков пораз, уште во почетната фаза на шампионат е нешто што може да се надополни, и ја преземе на себе вината за лошото издание на тимот во белградската Арена:

– Како селектор нема да барам никакви оправдувања за лошата игра. Во целост ја прифаќам одговорноста за денешниот пораз. Меѓутоа, ова е почеток на првенството, и до крајот се надевам ќе ги анулираме сите недостатоци, и дека ќе ја оствариме примарната цел – порачува селекторот на нашиот јуниорски национален тим.

Шанса за поправен е наредниот меч, оној против селекцијата на Грција денеска од 13.30 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот