
Анализа: Вучиќ се потпира на Путин бидејќи се плаши од 1 ноември
Соговорниците на весникот „Данас“ оценуваат дека тврдењето на руската разузнавачка служба за наводен „српски Мајдан“ е јасна провокација, насочена кон ЕУ.
Европската Унија веќе реагираше и предупреди на ширењето на проруска пропаганда, која потоа режимот на Александар Вучиќ ја користи за опстанок и за оправдување на репресијата што ја спроведува врз граѓаните на Србија, анализира српски „Данас“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Соговорниците на „Данас“ се согласни дека соопштението на руската разузнавачка служба, во кое се наведува дека Европската Унија подготвува „српски Мајдан“ на годишнината од падот на натстрешницата на Железничката станица во Нови Сад, кога загинаа 16 луѓе и кога започнаа масовни демонстрации поради корупцијата на режимот на Вучиќ, е провокација упатена кон ЕУ.
Тие оценуваат и дека воопшто не е чудно што таквиот наратив го презеле провладините медиуми заклучувајќи дека вистинскиот извор на дезинформациите не е во Русија, туку токму во Белград, и дека тоа Унијата и самата го гледа.
Исто така, стравот на Вучиќ од најавениот комеморативен собир закажан за 1 ноември, кој директно ќе биде насочен кон барањето негова одговорност за смртта на луѓето, е еден од клучните мотиви поради кои тој е толку благодарен на режимот на Путин за поддршката и антиевропската пропаганда, изразена преку соопштението дека ЕУ планира „српски Мајдан“ тој ден, се вели во анализата на „Данас“.
Инаку, терминот „Мајдан“ се однесува на масовните протести што се одржаа на плоштадот Мајдан Незалежности (Плоштад на независноста) во Киев во 2013–2014 година, кога граѓаните излегоа на улица против корупцијата и авторитарното владеење, барајќи приближување кон Европската Унија.
Протестите резултираа со пад на претседателот Виктор Јанукович и беа симбол на т.н. „обоени“ или „шарени револуции“.
„Вистинскиот извор на дезинформациите не е во Москва, туку во Белград“
Соопштението на Надворешната разузнавачка служба на Руската Федерација за наводната организација на „Мајдан“ во Србија претставува уште еден во низата обиди за ширење дезинформации и непријателска политичка реторика кон Европската Унија, нејзините земји членки и земјите кандидати – вели за „Данас“ Немања Штиплија, уредник на порталот ЕВБ (EWB).
Жалосно е што ваквата нарација веднаш и уште подлабоко се поттикнува во бројни провладини медиуми во Србија, оние за кои, како што и самите европски институции јасно констатираат, одамна е познато дека се под контрола на тесниот круг околу претседателот на Републиката, напоменува тој.
– Не е првпат Европската комисија да ја повикува Србија да преземе поголема одговорност во сузбивањето на дезинформациите и да обезбеди пообјективна комуникација за ЕУ и процесот на пристапување. Меѓутоа, домашните власти со години ги игнорираат сите видови манипулации што доаѓаат од Руската Федерација, а неретко и активно ги поттикнуваат преку провладините медиуми. Таквата практика не само што ја поткопува довербата на граѓаните во европските интеграции, туку и јасно покажува каде е вистинскиот извор на дезинформациите кој не во Москва, туку во Белград – истакнува соговорникот на „Данас“.
Според него, иронично е што токму оние кои секојдневно произведуваат и шират пропаганда се претставуваат како заштитници на стабилноста и европскиот пат на Србија.
– За среќа, Европската Унија и земјите членки многу внимателно ја следат ситуацијата и добро ја разликуваат пропагандата од реалноста – заклучува тој.
„Неприфатливо проширување на наративот што дојде од Русија“
Горан Милетиќ, виш советник на извршниот директор на меѓународната организација за човекови права со седиште во Стокхолм, „Сивил рајтс дифендерс“ (Civil Rights Defenders), за „Данас“ вели дека не било очекувано ЕУ да реагира на сосема бесмислените тврдења на руската Надворешно-разузнавачка служба, пред сè бидејќи не нуди никакви докази за своите тврдења.
– Исто така, бидејќи Русија многупати досега ги квалификувала оправданите барања за почитување на човековите права и владеењето на правото во разни делови на светот како обоени револуции – истакнува тој.
Не треба да се заборават и уште понесериозните изјави, додава тој, дури и од самиот Путин, како, на пример, онаа со која украинските власти ги квалификува како „неонацистички“.
– Сето ова ЕУ нема потреба да го коментира, бидејќи е дел од пропаганда што повеќе имаше смисла во минатиот век. Но, многу поважно од самиот демант е реченицата упатена кон властите во Србија во која јасно се порачува дека е неприфатливо „проширување на наративот што дојде од Русија“. Од Србија во ова соопштение повторно се бара активно да работи на сузбивање на дезинформациите и очекувам дека тој притисок уште повеќе ќе расте во наредниот период. ЕУ е свесна каква е медиумската слика во Србија, но имајќи ги предвид големите промени во последната година, изгледа дека ова ќе биде клучна тема што се однесува на Србија – заклучува Горан Милетиќ.
За потсетување, Александар Вучиќ по соопштението на руската разузнавачка служба ѝ се заблагодари на Русија што упати вакво предупредување. Тој рече и дека за тоа знае многу и дека ќе посвети уште повеќе внимание на тоа што ЕУ наводно се обидува да го сруши неговиот режим во Србија.
„Исплашен од 1 ноември, Вучиќ тресе со руската решетка“
Изјавата на руската разузнавачка служба претставува директно мешање во внатрешните работи на Србија и нова потврда за поддршката на Русија на режимот на Вучиќ, што беше јасно и со оној фамозен извештај на ФСБ околу наводната неупотреба на звучен топ против мирните демонстранти, вели за „Данас“ потпретседателот на Србија центар и поранешен дипломат, Душко Лопандиќ.
— Вучиќ се удира во гради со приказни за независност, а веднаш бара помош од Москва или од кој било однадвор кога неговата владејачка позиција се тресе. Исплашен од доаѓањето на 1 ноември, тој тресе со руската решетка за да ги обесхрабри граѓанските протести — вели Лопандиќ.
Истовремено, според него, овие власти со месеци ги убедуваа западните амбасади дека протестите во Србија ги поддржуваат и организираат руските служби. Србија е европска земја што ќе влезе во ЕУ дури кога ќе се ослободи од овие власти кои и понатаму, вели Лопандиќ, по потреба, му намигнуваат на „рускиот свет“, подготвени да изигруваат и одделена губернија само да останат на власт по секоја цена.
– Студентите одеа пешки и со велосипед во Стразбур и во Брисел, Вучиќ одеше во Москва и во Пекинг, а помош бара од странска разузнавачка служба. Но, другата индиректна порака на руската објава има за цел да го заштити Вучиќ од употребата на стапот, односно од негативните мерки на ЕУ, наместо морковот во вид на фондови на кои сè уште смета. Ова е според логиката на некои „геополитичари“ во Брисел дека „ако го притиснеме малку повеќе“, тој ќе стане Лукашенко број 2, односно целосно ќе се сврти кон Русите кои го штитат – смета Лопандиќ.
Потребно е, додава тој, ЕУ да престане со логиката на попуштање пред автократ кој со или без поддршката на Русија ја претвора земјата во нова Белорусија или во мини Турција.
– Во Србија во изминатите месеци беа уапсени околу 1.000 луѓе кои бараа правда, веќе имаме политички затвореници обвинети за деликт на мислење, констатираме комбинирани насилни акции на полицијата и „црните кошули“ против протестите, со апсолутно непостоење на одговорност кај наредбодавците за прекумерната употреба на сила. Србија е на опасен лизгав терен, а народното незадоволство и криминалните афери што ги создава овој режим нема да престанат додека не ги спречиме – заклучува Душко Лопандиќ.