
Американец помилуван од Трамп за упадот во Капитол Хил, убиен е од полицијата неколку дена подоцна
42-годишен Американец од Индијана, кој пред неколку дена беше помилуван од Доналд Трамп за учество во нападот врз Капитол на 6 јануари 2021 година, беше застрелан од полицаец минатата недела.
Препорачано
Според државните власти, Метју Г. Хатл дал отпор при апсењето при претрес на неговото возило. Сè започнало во неделата попладне во 4:15 часот, кога заменикот на шерифот на округот Џаспер го запрел возилото на Хатл на селски пат заради проверка. Во соопштението за инцидентот, полицијата не ја прецизираше причината за претресот, но велат дека во еден момент заменикот на шерифот се обидел да го уапси осомничениот, тој се спротивставил и настанала тепачка што резултирала со фатално пукање.
Истрагата покажа дека Хатл бил вооружен, соопшти полицијата.
Полицијата додаде дека нема да има дополнителни информации за инцидентот, кој се истражува во соработка со окружниот обвинител на округот Џаспер. По завршување на истрагата, наодите ќе бидат предадени на оцена кај обвинителот.
Шерифот на округот Џаспер, Патрик Вилијамсон, рече дека заменикот кој го застрелал Хатл бил ставен на задолжително платено отсуство, по протокол. Тој додаде дека ќе го објави името на полицаецот штом ќе биде расчистено од инспекторите на државната полиција.
„Нашето сочувство до семејството на починатиот, бидејќи секоја загуба на живот е трауматична за луѓето кои беа блиски до него“, рече шерифот Вилијамсон.
Адвокатот Николас Барнс, кој го застапуваше Хатл во изминатата деценија рече дека е „навистина шокиран“ што неговиот клиент бил вмешан во нападот на Капитол. Говорејќи пред новинарите, тој изрази желба да дознае повеќе за околностите што доведоа до фаталното пукање во неделата.
„Од она што го знам за него, Метју не бил насилен човек. Знам дека државната полиција на Индијана го истражува инцидентот и со нетрпение очекувам да ги прочитам нивните наоди“.
Одлуката на Трамп и реакциите
Хатл, кој беше осуден на шест месеци затвор и ослободен во јули, објави локалната ТВ станица Фокс59, беше меѓу околу 1.500 луѓе вклучени во нападот во Капитол, кои Трамп ги помилува непосредно по неговата инаугурација минатата недела.
Одлуката на републиканецот предизвика реакција на неговата партија главно затоа што тој помилуваше и лица кои напаѓаа припадници на силите на редот.
Според Fox59, неговиот вујко Метју Хатл исто така бил вклучен во нападот на Капитол и бил осуден на 30 месеци затвор откако се изјаснил за виновен за напад на полицаец со јарбол од знаме.
Како што објавија американските медиуми, уште едно лице кое учествуваше во нападот на 6 јануари и беше помилувано од Трамп, беше уапсено минатата недела на Флорида бидејќи пред нападот на Капитол беше осудено за нелегално поседување оружје.