
Алкалоид и ГРК Охрид одиграа реми во Суперлигата
РК Алкалоид и ГРК Охрид го комплетираа првото коло од новата сезона во македонската ракометна Суперлига со дерби натпревар што се одигра во Автокоманда, а заврши без победник со конечни 24:24. Мечот почна со брз ритам во кој двата тима обрнаа големо внимание на транзицијата и особено на одбранбените задачи што го одведе натпреварот во ритам гол за гол.
Препорачано
Гостинскиот состав го диктираше водството кое беше минимално и постојано израмнувано, но ракометарите на РК Алкалоид не успеваа да преминат во водство иако имаа неколку шанси да го сторат тоа. Играта не се промени до крајот на првиот дел, тактички се надмудруваа двата тима, а по 30 минути гостинскиот состав замина во соблекувалната со предност од два гола (13:11). Паузата повеќе им годеше на играчите на Алкалоид, затоа што стартот на вториот дел, беше спротивен од финишот на првиот.
Со серија од шест гола, тимот на Кирил Лазаров од негатива 15:13, успеа да го сврти мечот во своја корист. Новото засилување на Алкалоид Урош Борзаш диригираше во нападот, одбраната се зацврсти и 10 минути не се прими гол, за позитива на Алкалоид од 19:15.
ГРК Охрид веднаш реагираше и имаше мала пауза, по која постигна три гола во низа. Се врати на 19:18, но откако не реализира Охрид напад за реми, следеше одговор од Костески, за 20:18. Се играше драматично до крајот, а мечот заврши без победник. Голот за реми го постигна играчот на Алкалоид Валентин Карасманакис.
РК АЛКАЛОИД – ГРК ОХРИД 24-24 (11-13)
Сала: „Автокоманда“ во Скопје. Судии: Силвана Карбеска и Марија Илиева. Делегати: Марјан Начевски и Душко Камишевски
РК АЛКАЛОИД: Кизиќ 6 одб., Галевски 3 одб., Џонов, Тордарсон 4, Маркоски, Серафимов 3, Карасманакис 3, Стојковиќ 1, Ѓоргиев, Велковски 1, Ивановски 2, Костески 3, Петковски, Митев, Борзаш 6, Аларов 1
Седмерци: 2/4. Исклучувања: 6 мин.
ГРК ОХРИД: Чаневски 1 одб., Блажевски 10 одб., Ѓоргески, Стрмљан 1, Ојлески 2, Иванковиќ 4, Кукуловски, Вејин 3, Ристески, Тасески 1, Моралес, Савревски 2, Јотиќ 3, Љапис 1, Петриќ 2, Ѓукиќ 5.
Седмерци: 1/3. Исклучувања: 12 мин.