
Алиу: Комисијата ги разгледала првите осум пријави за сомнителни кардиохируршки интервенции
Министерот за здравство, Азир Алиу, најави дека конечниот извештај од домашната и од меѓународната комисија ќе биде објавен јавно и ќе послужи како основа за нови здравствени политики во кардиологијата и во кардиохирургијата.
Комисијата, формирана за разјаснување на сомнежите околу кардиохируршките интервенции, се состанала трипати и веќе ги разгледала првите осум пријавени случаи, соопшти министерот за здравство, Азир Алиу.
Препорачано
Во интервју за „Алсат-М“, Алиу вели дека на првиот состанок била договерна методологијата на работа, а на следните состаноци биле анализирани осумте случаи за кои била доставена медицинска документација од неколку здравствени установи.
Тој нагласува дека финалниот извештај ќе биде објавен на официјалната веб-страница на Министерството за здравство и дека покрај домашната комисија, во процесот се вклучени и тројца меѓународни експерти од Словенија, Италија и од Австрија, кои се очекува физички да присуствуваат на следните состаноци.
— Извештајот на домашната комисија и оној на меѓународните експерти ќе послужат како основа за креирање на нови политики во областа на кардиологијата и кардиохирургијата. Задачата на комисијата е да ја прикаже реалноста – понатаму, надлежните институции ќе постапуваат согласно законот — истакна министерот Алиу.