Тикток апликација/Фото: Mateusz Slodkowski / Zuma Press / Profimedia

Алгоритмот на ТикТок се менува за американските корисници

Иднината на ТикТок во Соединетите Американски Држави зависи од клучен договор според кој алгоритмот на апликацијата, кој им прикажува содржина на корисниците, ќе биде копиран и преобучен исклучиво врз основа на податоци од американски корисници, објави Би-Би-Си.

Овој потег доаѓа откако претседателот Доналд Трамп објави договор за избегнување на забраната за апликацијата, под услов кинеската матична компанија ByteDance да ги продаде своите американски операции. Белата куќа потврди дека технолошкиот гигант Oracle ќе го надгледува системот за препораки на ТикТок, додека бизнисот ќе го управува ново заедничко вложување со американски инвеститори.

Според договорот, Oracle ќе преземе голема улога во обезбедувањето на безбедноста на апликацијата за американските корисници, вклучувајќи ревизија на изворниот код, проверка на системот за препораки и негова реконструкција користејќи само податоци од САД. Податоците на околу 170 милиони американски корисници веќе се хостирани на серверите на Oracle во рамките на проектот „Тексас“.

Вредноста на договорот се проценува на милијарди долари, а во него учествува и компанијата за приватен капитал „Силвер Лејк“. Новото вложување, според Белата куќа, ќе вклучува „патриотски инвеститори“ и членови на одборот со искуство во сајбер безбедноста.

Иако администрацијата во Вашингтон го претставува договорот како победа за американските корисници, аналитичарите предупредуваат дека промените би можеле да влијаат негативно врз искуството на ТикТок. Според експертите, ако алгоритамот само за САД ги изолира американските корисници од глобалната содржина, тоа може да ја намали привлечноста на апликацијата за креатори, брендови и инвеститори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот