Премиерата на „Диво месо“ во Албанскиот театар беше пречекана со бурни аплаузи

Албанскиот театар во Скопје на својата сцена го постави драмскиот текст „Диво месо“ од Горан Стефановски

Праизведбата на култниот драмски текст „Диво месо“ од Горан Стефановски преведен на албански јазик се одржа на 8 ноември на сцената на Албанскиот театар во Скопје во режија на Мартин Кочовски.

Безвременската димензија на драмските текстови на Горан Стефановски доби нова потврда со праизведбата на „Диво месо“ на сцената на Албанскиот театар во Скопје. Повеќемесечната подготовка на претставата резултира со извонреден актерски влог, брзо и ритмично дејство, што како карактеристика го носи режисерот Мартин Кочовски, и со модерен сценски дизајн дополнет со одлична костимографија.

На сцената игра млада актерска екипа од Албанскиот театар предводена од доајенот Бајруш Мјаку во улогата на Димитрија Андреевиќ, таткото на семејството од предвоеното скопско Дебар маало. Во спонтан разговор по претставата дознавме дека актерот Мјаку е „виновникот“ што претставата, воопшто, е поставена на сцената на Албанскиот театар во Скопје, бидејќи при неговата последна средба со Горан Стефановски, добил аманет да го игра Димитрија од „Диво месо“.

Аманетот сега е остварен со фантастична претстава, која и понатаму ќе ги пренесува пораките на драмското дело на Стефановски. Покрај Мјаку, во претставата играат Амернис Нокшиќи како мајката Марија Андреевиќ, Дритеро Аме (Симон Андреевиќ), Џевдет Јашари (Стево Андреевиќ), Сабина Мемиши Асланај (Сара), Рахим Рамадани (Ацо), Генци Мирзо (Херцог), Хетем Етеми (Сивиќ), Ментор Курти (Андреа Андреевиќ) и Арбен Расими (Херман Клаус).

Сценографијата е на Енес Деари, костимограф е Едлира Ќушка, музиката е на Оливер Јосифовски, а промотивните материјали ги дизајнираше Филип Јовановски.

Според режисерот Мартин Кочовски, „Диво месо“ е кратка историја на подемот и падот на индивидуата од почетокот на минатиот век до денес, со субјективна визија за судбината на индивидуата во блиската иднина. Индивидуата во рамките, спрегите и режимите на времето за кое имаме напишани докази и нивните остатоци на кои сме современици.

– Горан Стефановски ни обезбедува простор во кој можеме безбедно да се вратиме на првичното „наше“, човечко постоење и делување и со забележителен успех нѐ потсетува дека човекот и никој друг е во центарот на светот и нештото. Сега, кога конечно е завршено со постмодерната уметност и „третата модерна“, а неокласицизмот се бори за здив, се издига новата ренесанса. На таа основа и во околности на глобална општествена безизлезност, неизбежно е да се занимаваме со „Диво месо“. За жал, секојдневието не е. Специфичната природа на односи, која ни е зададена во овој период, само ги извлече на површина проблемите на општеството кои сме ги имале. Непрележаните и нетретираните современи болести: изолираноста на индивидуата, отуѓувањето по секоја основа, класната поделба. Тие „болести“ сега станаа видливи, но тие постоеле со децении – истакнува Мартин Кочовски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 204, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12.11.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот