
Албанскиот парламент го потврди четвртиот мандат на премиерот Еди Рама, целта е членство во ЕУ
Албанскиот парламент го потврди четвртиот мандат за премиерот Едија Рама, кој објави дека приоритет на новата влада ќе биде членството на земјата во Европската унија до 2030 година.
Препорачано
Рама, единствениот кандидат за премиер, доби поддршка од 82 од вкупно 140 пратеници, објави Ројтерс.
Неговата Социјалистичка партија го освои мнозинството по четврти пат по ред на парламентарните избори одржани во мај.
„Албанија 2030 во ЕУ е централен дел од овој мандат. Европска Албанија е водич за секој аспект од нашата програма и метроном за ритамот на секоја реформа“, рече Рама во своето обраќање пред пратениците.
Како што објави Ројтерс, угледот на Албанија е нарушен од корупциски скандали, а аналитичарите предупредуваат дека земјата останува „жариште на криминални групи кои перат пари од трговијата со дрога и оружје, што го отежнува пристапувањето во ЕУ“.
Во обид да одговори на критиките, Рама минатата недела назначи бот генериран од вештачка интелигенција по име Диела, што значи „Сонце“, да управува и доделува јавни тендери на приватни компании за борба против корупцијата.
„Не сум тука да ги заменам луѓето, туку да им помогнам“, рече Диела во видео обраќање пред гласањето за новата влада.
Опозицијата го оцени потегот како неуставен, бидејќи ботот нема државјанство и може да биде злоупотребен.
„Овој мандат се темели на криминал, корупција, дрога и кршење на Уставот и законот“, рече лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, критикувајќи го недостатокот на дебата пред гласањето.