
Аларм од Преспа: езерото старее, загадувањето се зголемува, здравјето на луѓето зависи од системски мерки
Преспанското Езеро покажува јасни знаци на влошување – во мезотрофна состојба е и сè почесто се појавуваат цветања на алги, како и други проблеми кои може да бидат погубни за локалниот екосистем. Ова беше клучната порака на панел-дискусијата „Здрава средина, здрав живот“ во Ресен, на која Институтот за јавно здравје, Хидробиолошкиот завод Охрид и Општина Ресен повикаа на координирани, превентивни мерки и на прекугранична соработка со Грција и Албанија.
Препорачано
„Бучавата не е толку бенигна“
Д-р Давид Здравевски од Институтот за јавно здравје ја нагласи тесната врска меѓу животната средина и здравјето.
– Воздухот не го испитуваме ние, тоа е задача на Министерството за животна средина, но ние даваме препораки за тоа како влијаат ПМ-честичките и другите штетни гасови. Правиме мониторинг и на бучава – таа влијае врз менталното здравје, врз хроничните заболувања, па дури може да доведе и до канцерогени состојби – рече тој.

Институтот има центри за јавно здравје, од кои четири вршат мерења на бучава – меѓу нив и Центарот во Битола што го покрива Ресен. Здравевски посочи дека прават и мониторинг на вода за пестициди и тешки метали, а резултатите влегуваат во годишните извештаи.
– Во Ресен инсистираме работниците што прскаат овошки да носат респираторни маски и скафандери не само за време на прскањето, туку и при подготовката на растворот. Пестицидите може да влијаат врз кардиоваскуларното и респираторното здравје, но и да ја нарушат почвата – предупреди тој.
Здравевски додаде дека ИЈЗ препорачува дополнителни контроли од инспекторати и од локалната власт, особено за водите и пестицидите.
– Правиме сè во превенција, но на крај пресудно е однесувањето на луѓето – истакна тој.
Во изјава за „Слободен печат“, по дискусијата, како најимпактeн фактор за загадувањето го посочи отпадот и најави кампања на ИЈЗ, заедно со Институтот за комуникациски студии, за едукација и за подигање на свеста во регионот на Преспа.
Стареењето на населението е сериозен предизвик
Директорот на болницата во Отешево, д-р Благоја Китановски, ја претстави здравствената слика на регионот.
– Во Преспа се спроведува задолжителна вакцинација кај децата и адолесцентите. Активни се и програми за ХПВ и сезонски грип, а во тек се и скрининзи за рак на дојка и за колоректален карцином – рече тој.
Китановски додаде дека стареењето на населението е сериозен предизвик:
„Четвртина од жителите се над 65 години, што бара развој на геријатриска нега и превенција на хронични болести. Дополнителен проблем е недостигот на лекари во примарната и секундарната заштита“.
Тој посебно предупреди на ризикот од комарци:
„Западнонилската треска е присутна во Грција и ја пренесува тигрестиот комарец. Кај нас засега нема евиденција за активен пренос, но ризикот е реален”.
Китановски потсети и на состојбата со канцер-регистарот како одговор на новинарско прашање, велејќи дека регионот има околу 250 пациенти со малигни заболувања, што е блиску до националниот просек и дека нема вистинско зголемување на пациенти со рак, поврзано со загадувањето на Преспанско езеро.
Д-р Орхидеја Тасевска: Езерото старее
Директорката на Хидробиолошкиот завод во Охрид, д-р Орхидеја Тасевска, предупреди дека Преспанското Езеро забрзано старее.

– Сезонските истражувања укажуваат на загрижувачка состојба. Преспанското езеро е во мезотрофна состојба, а пример се фосфорот и азотот, тие се важни за промените во животната средина. Како тие промени го загрозуваат здравјето? Прост пример, со зголемување на внес на органски материи и нутриенти во езерото. Станува збор за обработливи површини и диви депонии, не секогаш органски отпад, но забележуваме и амбалажи.
Овие отпадоци испуштаат хемикалии и пестициди, кои на каков било начин стигнуваат до Преспанското Езеро, преку реките, преку подземните води… Промените од тие материи во езерото се зголемената продукција на фитопланктонот, сме забележале цветање на алги, многу често се појавуваат и цијанофити, потенцијално токсични алги кои го загрозуваат животот на човекот како конзумент и општо на заедницата. Промените ја инхибираат активноста на зоопланконот што се храни со фитопланктонот, но сите промени се пренесуваат во целиот синџир на исхрана, тоа стигнува до рибите, еден од најкомерцијално искористените организми.
Промените преку рибите стигнуваат и до човекот, а страдаат и птиците што се хранат со риби. Што се однесува до пестицидите, не ги следиме концентрациите, но еден податок покажува метаболити на забранети агрохемиски средства кои сѐ уште се наоѓаат во езерото, дел од пестицидите остануваат во седиментот на езерото и пак стануваат активни потоа.
Неизбежно, сето тоа предизвикува последици по здравјето на човекот, и водата што ја користиме за пиење и на други начини штети – вели таа.

Во езерскиот седимент, додава, и понатаму се пронаоѓаат метаболити од одамна забранети пестициди, кои повторно се активираат.
„Тоа носи директни ризици по водата за пиење,“ предупреди Тасевска, додавајќи дека таа смета дека решението е во систематски мониторинг на пестициди, развој на органско земјоделство и регионална соработка.
– Ова езеро е трансгранично, не можеме тоа да го сториме сами. Мора заеднички со Грција и Албанија да ги решаваме проблемите – нагласи таа.
На прашање за присуството на цијанобактерии, Тасевска одговори дека нивните истражувања досега не откриле такви појави, но дека грчката литература бележи присуство, објаснувајќи дека тоа би била алармантна ситуација.
„Џабе ги чистиме депониите, пак се полнат“
Ајман Ал Маала од Општина Ресен потсети дека општината е редок пример што управува и со Езерец и со Преспанско Езеро.
– Одржливото управување е баланс меѓу заштитата и здравјето на луѓето. Но морам да кажам: во државата нема ниту една санитарна депонија – рече тој.

Општината, вели, работи на рестартирање и проширување на големата компостара, како и на мапирање на дивите депонии.
– Ги чистиме, а тие повторно никнуваат – призна Ал Маала.
Тој додаде дека прочистителните станици нема да бидат пуштени во употреба без согласност на надлежните институции и без општинска контрола. До 2026 година, Македонија ќе мора да ги усогласи законите со европските директиви за вода и отпад, што, според него, ќе значи „многу работа и сериозни измени на најмалку 12 закони и десетици подзаконски акти.“
– Отпадот ние го создаваме. Ако сакаме природа, мора да го смениме однесувањето – подвлече Ал Маала.
Човечка димензија
Во дискусијата збор зеде и фармацевтка која е онколошки пациент. Таа сведочеше за сè поголемата побарувачка на антихистаминици и лекови за имунолошки проблеми.
– Јас сум еден од тие примери. Веројатно загадувањето има удел, иако знаеме дека кај ракот има повеќе фактори – рече таа во емотивен настап кој ја долови човечката цена на загадувањето.
Панел дискусијата беше организирана во рамките на кампањата „Преспа? Разбуди се за чиста средина“, која ја спроведува Институтот за комуникациски студии, во соработка со „Еко герила Преспа“ и Македонското еколошко друштво, поддржано од Европската Унија, а преку програмата ЕУ за Преспа.