
Ако „пајак“ на ПОЦ ви го однесе возилото, од понеделник барајте си го во ново депо
Од понеделник, граѓаните на кои „пајаците“ на ЈП ПОЦ ќе им го кренат возилото, ќе можат да си земат од новото депо на ова јавно претпријатие лоцирано покрај улицата до мостот „Беласица“ под Железничката станица.
Препорачано
Депото започнува со работа на 17 март, а како што информираат од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“, ќе овозможи поддршка на процесот на управување со паркирање, одржување и чистење на јавните површини, како и поголема ефикасност во секојдневното функционирање на паркинг услугите. Од претпријатието велат дека ова е дел од пошироката стратегија на Општина Центар и ПОЦ за подобрување на инфраструктурата и услугите во градот.
На новата локација нудиме подобри услови за лежарина на возилата и полесен и побрз пристап. Површината на депото изнесува 2250 м2 и на неа се поставени нови куќарки за вработени и опслужување на корисниците. Изведена е водоводна и електрична мрежа за потребите на депото, потоа беше заградено со ограда, поставен е видео надзор на целата локација, обележана е сообраќајна сигнализација. Поставени се нови контролни рампи кои ќе бидат контролирани безжично. Со отворањето на новото депо, го подобруваме капацитетот и оперативната ефикасност на нашето претпријатие, што ќе овозможи побрзо реагирање и поголема флексибилност во нашето секојдневно работење“, изјави Душко Коцевски, директорот на ПОЦ.
Од претпријатието посочуваат дека од понеделник сите возила кои ќе бидат подигнати од службата може да се преземат од новата локација прикажана на мапата:
