Ако овцата е сомнеж, тогаш розата лесно може да биде изедена

Дали сомнежот ја убива љубовта и довербата?

Отсекогаш се прашував,  како и вие кои го сакате Малиот принц, дали ако не исчезнеше со својот мал воен авион, ако само ја дочекаше својата длабока старост или барем ако завршеше во прегратките на својата Косуело, оној – Антоан Мари Ражи де Сент Егзипери – еднаш ќе го пораснеше својот мал принц (кој на многумина ни влезе под кожа), признавајќи ни во некоја друга книга дека не овцата, туку сомнежот ја изеде розата.

Или можеби ќе пишуваше уште долго, но сосема исчистен од претпоставките „дали една роза може да биде изедена од една овца, или не…“, речиси резигнирано, вклопувајќи се во медиокритетскиот поим за доверба, по секоја цена, кој се разбира, мора да ја исклучи недовербата.

Сепак, онака создадениот „Мал принц“, најпродаваното и најпреведуваното дело во светската литература на 20 век, не е создадено ниту благодарение на тезата за постојаната, и долга љубов, ниту врз мислењето дека таква љубов мора некаде да постои и затоа вреди да се најде. Туку (веројатно), од сопствениот страв на Егзипери дека доколку се најде, – љубовта заено со довербата,  може и лесно да се изгуби.

Во 2000 година, кога од морето беше извлечен малиот воен авион со кој Егзипери во 1944 година засекогаш ја напушти својата Франција (и својата Косуело), со остатоците од, со години, потопеното летало исплива и една нова, необична приказна за неговиот живот. Приказна за неговата голема љубов, која цели 50 години, намерно или не, беше фрлена во сенка.

Книгата „Малиот принц“ всушност е пишувана во вид на писма упатени кон Косуело, и рачно илустрирана, едно по едно, секојдневно испраќани. Егзипери ја губи довербата во Косуело сомневајќи се дека таа го изневерува со неговиот најдобар пријател, интересниот и забавен филозоф Рене де Гурман, во времето на воениот период кога престојува во Њујорк. А „Малиот принц“ е неговиот последен обид да ја врати.

– Ламбите треба добро да се чуваат оти еден здив на ветрот може да ги угасне.

Денес, оваа реченица би можеле да ја изговориме, без да бидеме свесни дека, во меѓувреме,  потојат разни дизајни на ламби и на овци.

Сепак, Косуело не се враќа кај него, не затоа што не го сака, туку зашто е исплашена од војната. Изеден од сомнежот, под военото знаме на Франција, Антоан последен пат се вивнува во височините и несреќно загинува, според формалните известувања – поради недостиг од гориво во авионот. Прашање е дали ваква невешта грешка може да му се случи и на човек што бил експерт за авијација и кој практично ја поставил аеромрежата и го вовел воздушниот сообраќај во Јужна Америка.

Што всушност ни зборува малиот принц? Веројатно, само лична вистина.

-Тогаш јас ништо не умеев да разберам, требаше да судам по неговите дела, а не по зборовите. Не требаше никогаш да избегам од него. Цвеќињата се многу настраничави.

Што ѝ пишуваше Егзипери на Косуело? Повторно, веројатно само чиста вистина.

– Така малиот принц и покрај сета добра волја за љубов, многу брзо се посомневал во цвеќето. Тој сериозно ги сфаќал зборовите што немале никаква важност и станал многу несреќен.

За да си ја решиме оваа мистерија, барем кај себе, погледнете го небото и прашајте се – дали сомнежот ја убива љубовта и довербата во оние кои ги сакате, или сте ги сакле,  или не?

И ќе видите како сè се менува.

ОВЦАТА секогаш, ќе ја изеде розата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот