Ако изгубиме, присилно ќе ни наплатат 1,5 милијарди евра

Фото архива

Постапката започнала минатата година, но владините извори откриваат дека „никој не видел дека има отворен предмет против државата пред меѓународниот арбитражен суд од ИНСО системи за раскинатиот договор за Клиничкиот центар „Мајка Тереза“

На Македонија и се заканува присилна наплата од 1,5 милијарди евра вкупна отштета со казнени камати во арбитражните постапки пред меѓународните судови, брифираат владини извори. Последната во низа е тужбата од ИНСО Системи за раскинатиот договор за изградба на новиот клинички центар „Мајка Тереза“, кој го потпиша поранешниот министер за здравство Никола Тодоров, а во меѓувреме беше прекината неговата реализација од новата власт.

Од Владата велат дека случајот е во рана фаза и дека побарувањето на штетата од страна на ИНСО Системи изнесува 19 милиони долари. Постапката започнала минатата година, но владините извори откриваат дека „никој не видел дека има отворен предмет против државата пред меѓународниот арбитражен суд“!

-Тужителот испратил меил со известување на погрешна адреса а македонската страна во меѓувреме не подготвила одбрана. Следното рочиште е на 14 јули и Владата ја известила арбитражата за невоспоставената комуникација – брифираат истите извори.

Меѓу постарите случаи за присилна наплата е и оној на турската компанија Гама Гуч, врз основа на билатерален договор за заштита на инвестиции. Компанијата побарува 5 милиони евра за нереализирана стечајна постапка во врска со гасната централа ТЕ-ТО, објави Фактор. Побарувањата на Хеленик Петролеум за раскинатиот договор за мазут преку ОКТА изнесуваат 21,5 милиони денари. Првично грчката компанија барала 42,6 милиони долари, но арбитражниот суд ги прифатил аргументите на Владата дека таквото производство на мазут кое би го купувала Македонија е нереално.

-Семејството Скубенко тужи за 77 милиони евра за загубената концесија во рудникот за злато, сребро и бакар Казандол. Во октомври лани последен пат имало усно рочиште, а аргументот на Владата е тоа дека имало позитивен референдум од локалното население – набројуваат од Владата.

На оваа листа се и словенечкиот бизнисмен Блажо Тасев, кој 19 години бара 500 милиони евра за нереализирана експропријација на рудникот Саса. Постапката е во завршна фаза и се чека одлука од арбитражниот трибунал.

Позитивен сигнал за Владата е тоа што во 2022, Кунико Ресорсис го загубил случајот за тогашен Фени Индустри, а на тој пат е и брачниот пар Бинани за стечајната постапка на рудникот Тораница во Злетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот