Ако Цвета Ристовска побарала изземање од предметот за Бојан Христовски, ДКСК само требало тоа да го спроведе

Откако претседателката на Антикорупциска комисија Татјана Димитровска за „Телма“ изјави дека членката Цвета Ристовска што го водеше предметот за директорот на АНБ Бојан Христовски, побарала изземање, ама на колегиум сите антикорупционери едногласно не го прифатиле таквото нејзино барање, поранешни членови на ДКСК велат дека постапката за изземање не е таква.

Во моментот кога пристигна пријава за сомневање за валидноста на универзитетската диплома членот Цвета Ристовска побара на колегиум пред сите членови изземање од постапување и одлучување по овој предмет. Меѓутоа комисијата едногласно го одби барањето за нејзино изземање. Предмет на оваа постапка е неисполнување на условите за директор на АНБ, рече Димитровска за „Телма“.

Поранешната претседателка на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска за „Слободен печат“ вели дека барањето на член да се изземе од постапување за некој предмет што го работи Антикорупциска, е лично чувство, оценка и личен став и не подлежи на носење одлука од страна на другите членови.

Барањето за изземање од постапување по предмет во ДКСК е лична одлука на членот, за што Комисијата нема потреба да одлучува понатаму. Тоа е лична оценка, став и чувство на членот. За изземање се поднесува изјава, која што потоа се доставува во Архивата на ДКСК и се известува комисијата на колегиум дека некој член се иззема. Така завршува таа постапка. Ако имало било какво барање за изземање, за тоа требаше да биде известена јавноста на јавна седница што во случајов изостана, изјави за „Слободен печат“ Ивановска.

Антикорупциската комисија го затвори и архивираше предметот за Христовски утврдувајќи дека тој ги исполнува сите законски услови да биде именуван за директор на АНБ, меѓу кои и дипломата за дипломиран економист, за која се повика на просветната инспекција која не констатирала неправилности.

Инаку, просветниот инспекторат го извршил надзорот на универзитетот 15 дена пред Антикорупциска да побара од нив такво нешто и тоа по допрен глас од медиумите, а просветната инспекторка што потпишала дека со досието на Христовски на универзитетот се е во ред, е Соња Зашовска, која истовремено фигурира и како советничка во Гази Баба, од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Одлуката дека Христовски ги исполнува условите за директор на АНБ е објавена на страницата на ДКСК, ама не ја потпишал никој од стручната служба. Стојат само потписите на претседателката и на членката Цвета Ристовска, што не е случај со другите одлуки каде е потпишан и советникот (соработникот) и тој што ја контролирал одлуката.

 

На членката на Антикорупциска Цвета Ристовска електронски ѝ бил распределен предметот за законитоста на назначувањето на директорот на АНБ Бојан Христовски. Предмет на постапувањето на Антикорупциска меѓу другото беше и неговата диплома од економскиот факултет на Универзитетот за туризам и менаџмент. На овој факултет Ристовска била предавач, ама од антикорупциска велат дека за тоа не зела пари, ниту имала договор, туку била ангажирана само како експерт од областа на ревизијата.

-Никогаш не била во работен однос на факултетот, истата била ангажирана како предавач со покана од Универзитетот. Нејзиниот ангажман се состоел во професионално излагање во делот на ревизијата и ангажирана е додека била вработена во Државниот завод за ревизија. За овој ангажман нема склучено никаков договор за финансиски надоместок ниту има добиено таков надоместок, рече Димитровска.

Во „барометарот за корупција“ Транспаренси Интернешнал меѓу другите настани како „матен настан“ за декември го издвои и овој – дека не е конфликт на интерес тоа што антикорупционерката која го водеше случајот за Директорот на АНБ била наставник на факултетот чија диплома му беше оспорена со преставка.

Приватниот универзитет ја отстрани сликата на Цвета Ристовска, која е членка на Државната комисија за спречување на корупција од списокот на наставен кадар, откако ТВ „Телма“ постави прашања дали е конфликт на интерес тоа што баш Ристовска го водеше предметот за директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Неколку часа подоцна, Универзитетот ја врати сликата на Ристовска на страната каде што е објавен наставниот кадар. Дел од предметот за Бојан Христовски беше и претставка за неговата факултетска диплома, добиена на факултет и универзитет каде во тоа време дел од наставен кадар била токму Цвета Ристовска. Токму нејзе ѝ бил доделен предметот за директорот на АНБ, во кој по анонимна претставка беше оспорена и факултетската диплома на Универзитетот „Скопје“. Таа на седницата на Антикорупциска рече дека случајот е чист според известувањето на Просветниот инспекторат.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот