Фото: Pexels / Marco Fischer

Истражување: Ако често јадете помфрит или пире од компири, крвниот притисок ви е во опасност

Високиот крвен притисок, медицински познат како хипертензија, може да најавува сериозни здравствени проблеми. За да се намали ризикот од висок крвен притисок, истражувањето објавено во Британскиот медицински журнал (British Medical Journal – BMJ) сугерира избегнување компири.

Високиот крвен притисок значи дека вашето срце мора повеќе да работи и да пумпа крв. Ако не се лекува, тоа може да доведе до болести на срцето, крвотокот и срцевиот удар. Можете да го намалите крвниот притисок со едноставно прилагодување на вашата исхрана.

Меѓутоа, се покажало дека одредени диетални производи можат да бидат контрапродуктивни. Едно од изненадувачките откритија е дека компирот подготвен на одредени начини може да ја зголеми вредноста на крвниот притисок. Ова е заклучокот на студијата објавена во Британскиот медицински журнал (БМЈ).

– Откривме дека поголемиот внес на печен, варен или пире од компири, како и помфритот, го зголемува ризикот од хипертензија – велат истражувачите.

Жените се особено изложени на ризик, истакнале истражувачите, иако студијата покажала дека биле засегнати и двата пола. Консумирањето на компири четири пати неделно, според ова истражување, е поврзана со повисоки стапки на хипертензија.

Наодите се базираат на преглед на повеќе од 187.000 мажи и жени во три големи студии во САД. Истражувачите го споредиле здравјето на оние кои јаделе компири четири или повеќепати неделно со оние кои го правеле тоа само еднаш месечно.

Првата е поврзана со поголем ризик од хипертензија кај учесниците во сите три студии, рекле истражувачите.

– Овие откритија имаат многу важни последици за јавното здравје, бидејќи не ги поддржуваат потенцијалните придобивки од вклучувањето компири како зеленчук во исхраната, туку го истакнуваат штетниот ефект кој е во согласност со високиот внес на јаглехидрати забележани во студиите – рекле авторите коишто работат во болницата Бригам и жените и на Универзитетот Харвард.

За да се намалат ризиците, тие советуваат компирот да се заменува што е можно почесто со зеленчук без скроб, оној што содржи помали количини јаглехидрати, како што е зелениот лиснат зеленчук.

Меѓутоа, научниците не измериле внесот на сол, што може да влијае на нивните откритија.

За време на објавувањето на резултатите од оваа студија, Викторија Тејлор, диететичарка од Британската фондација за срце, ги довела во прашање нивните заклучоци.

– Овој вид на студии може да ја покаже само поврзаноста, а не причината и последиците. Затоа, не можеме да заклучиме дека компирот предизвикува висок крвен притисок и не можеме да ја објасниме причината за ефектите што се гледаат во студијата кај поголемите потрошувачи на компири – истакнала Тејлор.

Иако поголемото консумирање на компири, како што се пире од компири или помфрит, било поврзано со високиот крвен притисок, сепак е можно други фактори во исхраната или начинот на живот да влијаат на резултатите, заклучила таа.

Храна со малку маснотии, која вклучува многу растителни влакна, како интегрален ориз, леб и тестенини, како и многу овошје и зеленчук, исто така, помага во намалување на крвниот притисок, потсетува британската Национална здравствена служба (НХС).

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот