
АЕК ги мобилизира фановите за финалето со Алкалоид: „Ајде да ја оставиме Европа без зборови“
„Ајде да ја оставиме цела Европа без зборови“, ги повикува АЕК своите навивачи на неделниот финален меч на Европскиот куп со Алакпоид, што ќе се игра во Атина. Мечот ќе се игра во сала со капацитет од 9.000 луѓе, а на грчкиот клуб му треба притисок од трибините за подобар резултат пред реваншот во Скопје
АЕК до Атина, противникот на Алкалоид во финалето на Европскиот куп, на големо ги мобилизира своите фанови за првиот меч што се игра во Атина. АЕК ќе игра со Алкалоид в недела во 18 часот, пред своите фанови во салата „Ано Лосиa арена“, позната и како „Сунел арена“, со капацитет од 9.000 луѓе.
Препорачано
– Ајде, в недела во „Сунел арена“ да го направиме првиот голем чекор кон освојување на втората европска ракометна титула! Ајде да го наполниме секој агол од трибините и да ја оставиме цела Европа без зборови! За нашата историја, за нашиот амблем, за нашиот АЕК – повикува клубот, а пренесуваат грчки медиуми.
Реваншот, по кој ќе биде прогласен шампионот на Европскиот куп, ќе биде во Скопје, во „Борис Трајковски“, една седмица потоа.
Нема сомневање дека Алкалоид ќе биде под голем притисок од фановите на АЕК, кои се меѓу најбројните навивачки групи во Грција. Притисокот од трибините му е многу потребен на АЕК за да забележи добар резултат во пресрет на реваншот. Ракометот не е меѓу најпопуларните спортови во Грција, но од овој меч ќе се врши и директен ТВ-пренос.
За младиот колектив на Алкалоид голем успех е влез во финалето на Европскиот куп. Алкалоид има и добри шанси да го освои трофејот, затоа што реваншот го игра во Скопје. Алкалоид ќе игра во „Борис Трајковски“ каде може да се соберат повеќе од 6.000 гледачи и очекува голема поддршка од трибините.