
АЕК бара советници на директорот за плата од 80.000 денари и помлад соработник без искуство за 50.000
Деновиве на веб-страницата на Агенцијата за администрација осамнаа три огласи за вработување во Агенцијата за електронски комуникации, која ја регулира работата на телекомуникациските оператори во земјава, објави Фактор.
Препорачано
Оваа агенција, која се финансира од надоместоците за издавање на лиценци на операторите, како и радиодифузни фреквенции, е традиционално тајновита кога се работи за платите на нејзините раководители – во извештаите многу тешко можат да се најдат подетални бројки, а не и е силна страна ниту транспарентноста и комуникацијата со медиумите, пишува порталот.
Сепак, последните огласи откриваат дека почетната плата на двајца советници на директорот што таму треба да се вработат и за кои се огласени работните места, ќе изнесуваат по 80 илјади денари, додека, пак, платата на еден помлад соработник без искуство, ќе биде 50 илјади денари. Фактор пишува дека огласите за овие работни места најверојатно се само формални и дека е сосема извесно оти без разлика на тоа колку луѓе ќе се пријават, на овие позиции ќе седне некој што е однапред одреден.
Во најновите распишани јавни огласи е изненадувачки тоа што се бараат не еден, туку двајца советници на директорот за информатички технологии, со буквално исти услови што треба да ги исполнуваат, иста почетна плата. И двајцата советници, според годишниот план на Агенцијата, треба да бидат Албанци. Се бара и да бидат високо образовани и да имаат завршено електротехника, компјутерска техника и информатика или информатика. Уште еден услов е да имаат најмалку шест години работно искуство во струката, од кои најмалку две години на раководно работно место во јавен сектор, односно најмалку 10 години работно искуство во струката, од кои најмалку три години на раководно работно место во приватниот сектор.
Плата од 50 илјади денари ќе зема помладиот соработник за прибирање и обработка на податоци, за кого исто така е распишан оглас. Тој треба да има економски факултет или високо образование од областа на организациони науки и управување (менаџмент) или, пак, политички науки. Овој кадар не мора да има никакво досегашно работно искуство. Треба да биде Турчин според својата етничка припадност, а точниот износ на платата е 50.318 денари. Значи, во АЕК можете да се вработите без никакво работно искуство, а да статувате со плата од над 50 илјади денари.