Абас го повлече тврдењето за 50 холкаусти, вели дека мислел на израелските злосторства

Махмуд Абас фото EPA-EFE/ALAA BADARNEH

Палестинскиот претседател Махмуд Абас денеска го повлече вчерашното обвинување за извршени израелски 50 холокаусти, појаснувајќи дека неговата намера била само да ги нагласи „злосторствата” извршени од Израел врз Палестинците низ годините.

Изјавата што Абас ја изнесе на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц во Берлин наиде на критики во Израел, САД, Германија, а беше критикувана и од Шолц, кој и самиот наиде на серија критики затоа што молчел кога слушнал што рекол Абас.

По критиките, Абас во изјава пренесена од официјалната палестинска новинска агенција „Вафа” потврди дека холокаустот е неспоредливо најгрозоморното злосторство во модерната човечка историја.

Како што е нагласено, „намерата на неговиот одговор не беше да ја негира уникатноста на холокаустот што се случи во минатиот век и тој најостро го осудува”.

Во соопштението се додава дека Абас зборувајќи за злосторства, мислел на злосторствата и масакрите извршени од израелските сили врз палестинскиот народ од создавањето на Израел.

„Тие злосторства не престанаа до денес”, се заклучува во соопштението.

Спорната изјава Абас ја даде како одговор на новинарско прашање по повод престојната годишнина од масакрот на ЛОИ во Минхен во 1972 година кога палестински милитанти убија 11 израелски спортисти и германски полицаец.

На прашањето дали планира да се извини на Израел и на Германија за нападот, Абас одговори со обвинувања за злосторствата што ги извршил Израел од 1947 година натаму, притоа употребувајќи го терминот „холокауст”.

„Ако сакате да го провериме минатото, само напред. Имам 50 злосторства што ги изврши Израел…50 масакри, 50 холкаусти”, рече Абас.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот