Универзитетска детска клиника / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Смртта на четиригодишното дете синоќа на Детската Клиника не е поради лекарска негрижа на персоналот, туку поради генетска состојба за која се прогнозираат најмногу 4 години живот

На социјалните мрежи јавноста минатата вечер беше вознемирена поради тоа што паушално, без да се знаат причините, беше објавено дека „на Детската Клиника починало уште едно дете“. Случајот како што дознава „Слободен печат“ од доброупатени извори во Клиниката за детски болести, кои што учествувале во лекувањето на детето, не може да се подведе под графата „лекарска негрижа“.

Напротив, станувало збор за медицинска генетска состојба за која што максималната прогноза за живот е 4 години, колку што живеело детето. Персоналот во Клиниката направил се што е возможно бидејќи детето било хоспитализирано подолг временски период, а семејството било известено за прогнозите. За жал исходот бил летален.

Дел од вработените со кои разговаравме, велат дека објавувањето на вакви статуси на социјалните мрежи создаваат паника не само кај граѓаните, туку и кај вработените што како краен исход може да предизвика резигнација и кај лекарите и недоверба кај пациентите во Клиниката која лекува пациенти со тешки медицински дијагнози.

Според наши информации, директорот на Клиниката, доктор Реџеп Мемеди, вовел одредени измени кои што треба да ја зајакнат иднината на одделот за интензивна нега на Детската Клиника. Така, наложил секој специјализант, од 3 до 6 месеци да помине на одделот за интензивна нега на специјална обука која што треба да ги запознае докторите длабински со овој комплициран оддел кој честопати е границата меѓу животот и смртта.

Детската клиника изминатите месеци се соочува со неколку случаи на починати деца кои за Државниот здравствен и санитарен инспекторат се предмет на интерес. За дел од нив се препорачува да се формираат стручни комисии за да се види дали лекувањето било соодветно. Најголемиот проблем што во два наврати беше констатиран изминатите месеци, беше што две мали бебиња не добиле хоспитализација по што состојбата им се влошила и починале подоцна. Во двата случаи семејствата беа девастирани и велеа дека не можат а да не се запрашаат – дали судбината на нивните деца би била поинаква доколку биле навремено хоспитализирани?

Државниот здравствен и санитарен инспекторат при последниот извршен вонреден надзор на Детската Клиника за смртта на 7-месечно бебе,  наложи Клиниката отсега па натаму кога ќе одбие нечија хоспитализација, задолжително писмено да образложи на што се должи одбивањето. Бидејќи во случајот со 7-месечното бебе тоа не е направено, ДСЗИ ја задолжи Клиниката и директорот да платата казна.

При надзорот за смртта на 7-месечното бебе, исто така е констатирано дека на клиниката сеуште не е решен проблемот со задолжително присуство на специјалист во дежурната амбуланта, а за кое во ДСЗИ се води прекршочна постапка. И понатаму медицинска документација се креира и од страна на доктори кои не се присутни на работа или во дежурна амбуланта за што од страна на ДСЗИ е веќе издадено решение чии рокови течат, велат од ДСЗИ за овој случај.

Претходно, во октомври на Детската клиника почина 14-месечно бебе кое неколку пати било одбивано за хоспитализација. Тогаш министерот за здравство Арбен Таравари ја пофали Детската клиника што презема одредени чекори за санкционирање на лекарите што не го хоспитализирале бебето веднаш.

-Не сум за бркање од работа, но одговорност мора да има, рече тој.

Во исто време тој повика да проработи совеста и кај вработените во ЈЗУ Клиника за респираторни заболувања кај децата „Козле“ каде истото бебе исто така било лекувано пред да биде пренесено на интензивна нега на Детска клиника каде починало.

-Добро е што Клиниката за педијатрија презема одреден чекори и се надевам дека ќе се разбуди совеста и кај менаџментот на болницата во Козле. Официјално ќе испратиме допис до Лекарската комора, таму има етичка комисија што треба да одлучува. Наши препораки ќе има, извештајот е тука. Доколку не веруваат на извештајот, нека си направат свој, меѓутоа, дека има одреденни лекарски пропусти – има, изјави Таравари пред два месеци, упатувајќи апел сите заедно да дадат сигнал во граѓаните да почнат да веруваат во системот.

Раководството на Клиниката, односно директорот, доктор Реџеп Мемеди, од неговото назначување до денеска е критикуван поради наводна зголемена смртност на Клиниката за детски болести од неговото назначување. Според него ова не може да се потврди статистички и станува збор за дезинформациска кампања водена поради политичка желба за превласт на директорското место. Непосредно по назначувањето, Реџеп Мемеди доби и финансиски консултант за работењето на Клиниката, неговиот братучед и поранешен економски директор на истата – Алајдин Мемеди. Фактот што овој консултантски договор се случи баш во периодот кога беа укинати економските директори како неефикасни и буџетски скапи – се најде под лупа на јавноста.

Денеска политичката партија „Левица“ во соопштение до јавноста реагираше дека директорот на Детската Клиника Реџеп Мемеди ќе плати и втора казна во само два месеци обвинувајќи го дека „одбива да ги отстрани сериозните недостатоци на самата клиника“. Од него партијата побара оставка.

Двата извештаи на инспекцискиот надзор го откриваат колапсот на клиниката, вклучувајќи нестручни лекари и одбивање прием на деца без никакво образложение. На Клиниката, од вкупно вработени 45 доктори специјалисти, ниту еден од нив не дежура во амбуланта на Клиниката, а прегледите во дежурна амбуланта се вршат од страна на специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација и без потпис и печат! Бидејќи Мемеди одбива да преземе мерки за санирање на колабираната состојба, пред неколку дена Инспекторатот изрече глоба од 4000 евра за Клиниката, а за Мемеди како нејзин директор 1200 евра. Додека во текот на вчерашниот ден, Инспекторат по вторпат изрече казна за оваа клиника, бидејќи не издале писмено образложение за причините за одбивањето на приемот на седуммесечното бебе кое почина пред 5 дена, реагираше „Левица“.

Директорот Мемеди раководи со Детската клиника во која има системски недостиг кој владата и Министерството за здравство не го решаваат -а тоа е недостигот на кадар.

-Имаме сериозен недостаток на кадар. За последните 15 години од Клиниката заминале 40 специјалисти или во пензија или во приватното здравство. Зошто се случил ваков егзодус од Детската клиника и таа состојба сум ја наследил? Ваков недостиг на кадар е прашање кое не може да се реши преку ноќ, рече Мемеди пред 1 месец кога на прес-конференција извести за тоа дека на Клиниката е набавен нов ЕЕГ апарат како и дека се санираат лифтовите што претходно беа расипани. Децата на кои што им е потребен хормон за раст, сите го добиваат, информираше тогаш директорот.

Според него, тенденцијата да се прикаже дека во времето откако тој е директор има голема стапка на смртност е нечесна и не кореспондира со реалноста.

– Сега имаме двапати помала стапка на смртност во споредба со претходните 5 години. Трипати помала смртност во споредба со пред 10 години. Тогаш во просек имало 9 умирања месечно, на секој трет ден имало по еден смртен случај и на власт била друга гарнитура, кажа Мемеди.

Последната јавно достапна статистика за Детската клиника објавена на нивната веб-страница а која се однесува на хоспитализациите е од 2014 година кога хоспитализирани биле 8.020 пациенти на сите оддели. Тогаш во дневната болница медицински третман и терапија добиле 2.166 пациенти, направени биле 25.546 амбулантски прегледи и реализирани биле 260.750 биохемиски анализи. Детската клиника е најопремената државна клиника што згрижува деца во државата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот