Фото: blickwinkel / Alamy / Alamy / Profimedia

Кората од портокал е изненадувачки корисна за срцето: Престанете да ја фрлате

Горчливата кора од портокал постои за да го заштити плодот, а може да го заштити и нашето тело, само ако престанеме да ја фрламе.

Утврдено е дека кората од портокал содржи новооткриено, биоактивно соединение наречено ферулоилпутресцин (ФП), кое може да биде корисно за здравјето на срцето. Ова откритие ги заинтересирало научниците од Универзитетот во Флорида и американското Министерство за земјоделство, пишува „Саенс алерт“ (Science alert).

Во студијата, објавена во „Журналот за земјоделска и прехранбена хемија“, глувците шест недели биле хранети со екстракт од кора од портокал богат со ФП, а истражувачите забележале намалување на биомаркерите во крвта поврзани со воспаление и кардиоваскуларни болести. Дури и кога животните земале храна со висока содржина на маснотии во текот на ова време, оние на кои им биле дадени дневни дози на ФП имале помалку масти во крвта од контролната група.

Го има и во грејпфрутот

ФП е метаболит првично пронајден во листовите и сокот од грејпфрут. Иако го има и во портокалите, се чини дека не е присутен во лиметата, лимонот и мандарините.

Соединението придизвика голем интерес во последниве години поради својот антиоксидативен и антиинфламаторен потенцијал, но сè уште постојат многу експерти кои не знаат многу за тоа.

– Ова е ново откритие што ги истакнува поранешните непризнаени здравствени потенцијали на ферулоилпутресцинот во намалувањето на ризикот од кардиоваскуларни болести – вели Ју Ванг од Универзитетот во Флорида, научник кој се занимава со истражување на храната.

Портокалите се едно од најпопуларните овошја во светот, кои главно се консумираат поради нивниот сок, а горчливата кора најчесто се фрла. Секоја година 32 милиони тони кора од портокал оди во отпад, иако може да се јаде и може да биде корисна за нас.

За здрави црева

Во споредба со сочниот дел, кората од портокал содржи импресивна концентрација на витамини, антиоксиданти и лимонен, хемикалија која има антивоспалителни и антиканцерогени својства.

Секако, не треба да се занемари ниту ФП. Кога се консумира овој метаболит, се чини дека спречува некои специфични бактерии во цревата да ослободат нуспроизвод кој се вика триметиламин (TMA) додека ја разградуваат храната.

Кога ова соединение влегува во крвотокот преку цревата, стигнува до црниот дроб и се метаболизира во триметиламин Н-оксид (TMAO). Овој оксид е поврзан со зголемен ризик од таложење на артериски плак, срцеви болести, мозочен удар, дебелина и дијабетес тип 2, а ФП во кората од портокал може да помогне да се намали тој ризик.

Кората од банана како закуска

Кората од портокал не е едноставно да се воведе во исхраната, но доколку научниците успеат да дизајнираат некој комерцијален производ од неа, таа би можела да стане популарна намирница за подобрување на здравјето.

Истражувачите неодамна открија дека со само малку труд, кората од банана може да се претвори во вкусна, хранлива ужина, полна со антиоксиданти и витамини. Истото важи и за кората од манго.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот