105 причини заради кои ДУИ ќе оди во опозиција?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Три-четири дена по изборите, Бујар Османи и Артан Груби водат мртва трка за тоа кој ќе понуди повеќе причини ДУИ да заврши во опозиција. Арогантни, агресивни, во полн демагошки налет, често на раб од невоспитаност, тие со своите изјави и интервјуа делуваат како изгубени извидници во густа шума кои прават голема врева за да го победат стравот од реалната можност, наместо со зрела постизборна политика, Али Ахмети да го претворат во новиот лидер на македонската опозиција.

Како што им тргнало, наместо „сите патишта“ за новата влада да „водат во Мала Речица“ – Османи, дури, за грчки „Етнос“ тврди дека Ахмети ќе го добие мандатот да формира влада во Скопје – ќе излезе дека има едно патче по кое ќе стигнат до некаква „шупа“ во дворот на нивната партиска зграда во околината на центарот на Тетово.

Бидејќи, во политиката, кога ќе ги анулирате сите возможни варијанти, остануваат да се остварат „невозможните“. На тоа како да инсистира ДУИ.

Имено, возможните варијанти за создавање на новата влада се изброени: според ДУИ, за да има нова влада, или Мицкоски или Заев треба да прифатат премиерот да биде од редовите на ДУИ; третата можност е ДУИ да се повлече од својот ултиматум, па да види дали Мицкоски или Заев би ја правеле владата со нив. Математички, нема четврта опција што им стои на располагање на овие од Мала Речица.

Во таа комбинаторика, останува да се види кој ќе се посрамоти толку многу за да ја заврши својата политичка кариера: Мицкоски или Заев со прифаќање на ултиматумот на Ахмети, или Ахмети со извинување, а потоа и повлекување од својот ултиматум. Според Османи и Груби, или Заев или Мицкоски – а никако Ахмети! – ќе бидат тие кои ќе се посрамотат.

На таа точка почнуваат, за ДУИ, „невозможните“ варијанти: тие, „самоутепајски“, со своите 15 пратенички мандати, да си останат во опозиција, а владата да ја сочинува мнозинството со која било комбинација од 61 од преостанатите 105 пратеници во новиот собраниски состав.

Со тоа, всушност, постојат 105 причини заради кои ДУИ може да биде „паркирана“ во опозиција, наспроти една – доколку си ги смират страстите – со која, можеби, ќе бидат поканети во власта.

А влада без ДУИ би си била стабилна и со повеќе етнички Албанци (од оние 15 од ДУИ) кои би ги претставувале етничките интереси на втората најголема заедница во Македонија, албанската. Впрочем, ДУИ не ги поддржува ниту една друга партија од „албанскиот блок“, кои и на сегашниот нивен ултиматум гледаат како на квази-националистичко трикче – слично на „Тиранската платформа“ и проектот за „консензуален претседател“ – за предизборно освојување гласови. Но, да потсетиме, историски најголемиот број на етнички албански пратеници во овој собраниски состав, што е демократски сосема легитимен исход, не се должи на политичката „ингениозност“ на Ахмети, туку на одлуката на пар стотина илјади граѓани на Македонија на овие избори да останат дома. Така ДУИ доби 15 пратеници со освоени само 100.000 гласа, што важи и за скоровите на некои од другите партии.

Можеби ДУИ го преценува очајот на Мицкоски, а и на Груевски во Будимпешта, па сметаат дека тие би ги прифатиле сите барања на Ахмети, само ВМРО да се врати на власт, макар и под премиерска палка на јуниор партнерот во владата, од ДУИ?! Навистина, Мицкоски е под жесток внатрешен притисок во својата партија да поднесе оставка заради изборниот неуспех, и „сламката“ којашто му ја нуди ДУИ за сопствен спас веројатно му изгледа привлечна.

Но, тоа, без сомневање, би бил совршен крај на ВМРО-ДПМНЕ какво што го познаваме и за какво го гласаа нивните 300.000 поддржувачи на тукушто завршените избори. Заев веќе изјави дека таквата влада на ВМРО и ДУИ ќе ја поздрави, бидејќи за СДСМ, ДУИ на долг рок ќе им ја заврши работата за исчезнување на нивниот принципиелен опонент на таков ефикасен начин за каков што СДСМ сè уште не измислил стратегија.

Или, можеби, ДУИ, со ароганцијата на којашто инсистираат, многу повеќе ги плаши Заев кој има потврден капацитет за правење „невозможни“ комбинации и за постигнување на двотретински, а не, пак, прости мнозинства во Собранието? Да, нема да бидат тоа многу „пристојни“ решенија, но секако се многу попристојни и подемократски од прифаќањето на ултиматумот на ДУИ. Особено ако со тоа се оствари насушната, би се рекло национална, потреба ДУИ, во опозиција, да спроведе сопствена реформа со која ќе се „исчисти“ од кадрите и принципите со кои владее во последните дваесетина години.

Мицкоски не се обрати до нацијата вечерта по изборите; во настапот следниот ден покажа збунетост и несигурност до степен што заборави да им се заблагодари на оние кои гласале за неговата партија. И веднаш побрза да се сретне со Ахмети, толку ослабувајќи си ги своите позиции, што ДУИ со право си мисли дека го има „в скут“.

Од друга страна, Заев одржа ентузијастички победнички говор и – со право – замина на заслужен одмор, бидејќи до Илинден, навистина, нема за што да се преговара. Ако преговорите не му се веќе и завршени?!

Ете, затоа не ми се јасни Груби и Османи со нивното поведение Ахмети да го направат најважниот лидер во македонската опозиција во годините што доаѓаат. Со своето однесување ги форсираат невозможните, наместо возможните опции за создавање на новата македонска влада. Или уште од сега планираат со квичење „да си ја свиткаат опашката“ кога ќе сфатат дека тие ќе мораат да бираат дали сакаат да бидат дел од идната власт (ако им се понуди таква можност) или да завршат во опозиција.

Нормално, останува и последната можност, а тоа е дека ДУИ, всушност, глуми „ултиматум“, за подобар министерски (или друг) пазар во идната влада. Но, понекогаш, со преговарачките барања да се добие „преку леб – погача“, може толку да се претера, што на поголемиот партнер да не му се остави никаква опција, освен да ги прати во опозиција.

Тоа е тој пат до „шупата“ во Мала Речица на кој ДУИ цврсто чекори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот