Фото: МВР

Зошто нашите полицајци не носат боди камери?

Боди камерите се задолжителни за сообраќајната и за граничната полиција во земјава, но правилата не се сосем јасни за криминалистичката полиција.

Праксата на користење боди камери од страна на полицијата е одамна прифатена во повеќе земји низ светот, а во Македонија, оваа пракса се применува кај сообраќајната и кај граничната полиција, кои се должни при секое дејствие да носат и да вклучат камера. Но, кај криминалистичката полиција ситуацијата е поинаква — таа не е обврзана да користи камери, освен, можеби, кога станува збор за поголеми акции.

Во секојдневните рутински проверки на улица најчесто не се користат камери, што остава простор за незаконски постапки без дополнителни материјали што би служеле како доказ доколку полицајците ја злоупотребиле својата моќ, а и самите полицајци немаат дополнителна заштита доколку се загрозени некако.

Целта на снимањето со камери кои се носат на телото е двојна, да се заштитат и полицајците и граѓаните. Камерите можат да послужат како доказ дека полицаецот ја злоупотребил својата позиција, извршил насилство или зел поткуп, но истовремено и како заштита за полицајците бидејќи го документираат однесувањето на граѓаните со кои имаат контакт.

Криминалистичката полиција може да снима, а дали мора, зависи…

Од Министерството за внатрешни работи (МВР) објаснуваат за „Слободен печат“ дека полицајците може да употребат технички средства за снимање на терен. Министерството има посебно правило (Стандардна оперативна процедура) како полицајците треба да ги користат боди камерите, како се чуваат снимките, кој може да ги гледа и кој има право да пристапи до нив.

Сепак, не е јасно дали криминалната полиција мора да снима или само може да снима.

– Согласно Стандардната оперативна процедура (СОП) и Законот за полиција, при вршење службени дејствија како што се запирање возило, контрола на документи, алкотестирање, изрекување казни и други мерки, полицијата може да употреби технички средства за снимање со кои ќе се обезбеди снимен материјал на начин на кој се презема дејствието од страна на полициските службеници – велат од МВР.

Снимениот материјал, велат од МВР, служи како доказ дека полицајците постапувале законски и правилно при користење на своите овластувања.

Старешината потоа смее да прегледа снимки од боди камерите за да провери дали полицајците ги почитуваат процедурите и дали постапуваат законски. Тој најчесто го прави тоа кога има поплака против полицаец, кога се случил некој посебен инцидент, ако постои сомнеж за злоупотреба или за слабa работа, како и кога треба да се подготви извештај.

Професорот и национален координатор за гранично управување и експерт за оваа тема, Владимир Пивоваров, посочува дека според Законот за кривична постапка (ЗКП), полицајците при акции на сузбивање организиран криминал треба да имаат двајца полнолетни сведоци и аудиовизуелно снимање.

– Оперативните работници кои работат на сузбивање на организираниот криминал и корупцијата, како и борбата со наркодилери и нарко кланови при апсење осомничени лица и претрес на отворен или затворен простор како и превозни средства, согласно ЗКП се должни во таква ситуација да обезбедат двајца полнолетни сведоци како и аудио визуелно снимање при превземање на вакви дејствија – вели Пивоваров.

Законот за кривична постапка, инаку, во контекст на вршење претреси, предвидува претресот да може да се снима со визуелно-тонска опрема, а фотографиите и снимките потоа да бидат приложени кон записникот и да служат како доказ. Но, законот не пропишува обврска секој полицаец да носи боди камера, ниту, пак, снимањето да биде задолжително во секој случај.

Со тоа на полицијата ѝ се остава простор самата да процени дали ќе снима, што создава празнина во праксата и ризик важни дејствија да останат без аудиовизуелен доказ.

Пивоваров потсетува дека во почетокот постоела дискусија дали граничната полиција треба да ги користи боди камерите по сопствена проценка, додека, пак, извор од МВР за „Слободен печат“ потврдува дека денес нивното носење е задолжително.

Што се случува доколку полицаецот реши да не снима кога мора да снима според прописите?

Ако полицаец намерно не ја вклучи камерата, се покренува дисциплинска постапка – Одделот за дисциплински и судски постапки предлага казна, а конечната одлука ја носи министерот за внатрешни работи. Но, овие правила важат само за граничната и за сообраќајната полиција, како и за случаите кога снимањето е задолжено со наредба на старешина и не одговара на прашањето кога и како криминалната полиција решава дека треба да се снима одредена акција.

Дали снимањето воопшто помага да се намали корупцијата?

Пивоваров вели дека во Македонија нема анализа дали е намалена корупцијата со воведувањето на камерите за одредени полициски единици.

– Во некои организациони единици при МВР веќе неколку години се воведени боди камери, пред сè за спречување на корупцијата. За жал, до денеска не е направена анализа дали со воведување на камерите е намалена корупцијата или не, односно какви ефекти се постигнати од воведувањето на камерите – посочува Пивоваров.

Но, што покажуваат искуствата во други држави?

Во повеќе западни земји, воведувањето на ваквите камери беше проследено со конкретни истражувања и статистики за нивните ефекти.

Полицијата во Лондон објави дека со воведувањето на боди камерите значително се намалил бројот на поплаки за полициските постапки, а јавната доверба во полицијата се зголемила.

Во САД првото поголемо истражување во градот Риалто, Калифорнија, покажува драматичен пад на употребата на сила на полицијата и на поплаките од граѓаните во првата година од воведувањето на камерите. Анализа на 70 истражувања во САД, пак, заклучува дека во голем број случаи нема значајна разлика– во некои средини имало намалување на пријавите за бруталност и корупција, а во други немало статистички значајна промена.

Боди камерите во европските земји, како Франција и Германија, се воведени со строго почитување на европските правила за приватност, тема која честопати се покренува, но засега, повеќето истражувања за оваа тема се вршат во САД. „Хјуманс рајтс воч“ во еден текст, пак, предупредува дека ваквите камери сами по себе не се доволни за да се запре дискриминаторското постапување на полицијата во Франција, особено ако нивното вклучување се остава на дискреција на полицаецот и нема системски контроли.

Истражувачите заклучуваат дека клучен е начинот на користење на камерите – дали постојат јасни правила за нивно вклучување и надзор или, пак, полицајците сами решаваат кога ќе снимаат. Независни организации предупредуваат дека ефектите врз корупцијата тешко се мерат бидејќи тие зависат од тоа дали снимките навистина се користат во постапките.

Искуствата од странство покажуваат дека боди камерите можат да ја зголемат довербата во полицијата и да ја намалат злоупотребата на сила, но тие не се магично решение против корупцијата.

„Довербата во полицијата може да порасне само со видливи резултати“

Професорот Пивоваров сепак е убеден дека овие камери може да спречат голем дел од корупцијата.

– Боди камерите не само што може да ја спречат во голем дел корупцијата, тие воедно се и контролор на законитото постапување на полицицските службеници при превземање на службени дејствија – вели тој.

Според него, ефектите врз довербата во полицијата би биле позитивни, само ако резултатите се видливи.

– Секако дека употребата на боди камерите ќе ја зголеми довербата на граѓаните во работата на полициските службеници, но само доколку се видливи резултатите – додава тој.

Пивоваров потсетува на случајот на „Блаце“ кога 30 полицајци намерно уништија камери.

– Вашиот медиум, како и останатите во државата, пред четири години објави сторија за злоупотреба, односно намерно уништување на боди камерите од страна на полициските службеници на ГП Блаце. Никогаш не беше продолжена сторијата што се случи со тие лица. Се случи едно големо ништо. На дисциплинска само беа минимално казнети и повторно беа на истите работни места. Тоа наликува на ситуацијата кога злосторникот го враќате на местото на настанот. На овој начин граѓаните перципираат дека и ова мерка се компромитира – вели Пивоваров.

За потсетување, во 2022 година околу 30 полицајци од граничниот премин „Блаце“ беа под истрага поради сомневање дека намерно ги оштетувале боди камерите, прикачени на нивните униформи. Мотивот наводно бил уништување докази за можни злоупотреби на службената положба.

Тогаш беа покренати неколку истражни постапки за да се утврди одговорноста и намерното уништување на опремата.

Под истрага се 30 полицајци од „Блаце“, ги кршеле „боди-камерите“ за да не се види како земаат рушвет

„Корупцијата е вгнезедена на сите нивоа“

Задолжителното носење боди камери не е важно само за заштита на граѓаните, туку и за самите полицајци, потенцира професорот Пивоваров. Според него, тие можат да бидат клучен доказ кој ќе покаже дали службеникот постапувал во рамките на законот.

– Да, секако дека боди камерите се доказ за постапување на полициските службеници, односно од снимката се утврдува законито или незаконито постапување на полицискиот службеник. Но, ова е добро и за да ги отфрли самиот полициски службеник обвинувањата, односно пријавите од лица кои тврдат дека им биле загрозени човековите права и слободи – вели професорот.

Сепак, Пивоваров нагласува дека клучниот предизвик не е само во самото снимање, туку и во тоа дали материјалот навистина се користи во постапките.

– Досегашната практика покажа дека компромитираните истраги се главниот проблем во немањето на ефикасност, цели и задачи кои ги очекуваме од материјалот кој е снимен со боди камерите. Кога до надлежната организациона единица ќе доставите снимка од кривично правен настан, при кој службеното лице прима мито, и кога ќе добиете повратен одговор дека тоа што е констатирано на видео надзорот, не можат да го докажат, тоа е знак дека корупцијата е вгнездена на сите нивоа. Ние имаме прекрасни законски и подзаконски акти за функционирањето и за употребата на боди камерите, но тоа треба само да се спроведе во пракса. Зошто не се спроведува во пракса е друго прашање кое е многу болно, а тоа прашање мора да се реши час поскоро – заклучува тој.

Искуствата од Македонија и од странство покажуваат дека боди камерите можат да бидат силна алатка за зголемување на транспарентноста на полицијата и на довербата во неа, но само ако нивната примена е доследна, јасно регулирана и ако снимките навистина се користат како доказ во постапките. Без тоа, мерката останува половична и подложна на злоупотреби – како што покажуваат и случаите со намерно уништување на камерите.

Затоа, клучното прашање за нашата земја не е само дали полицијата ќе користи вакви камери, туку дали системот конечно ќе почне да функционира така што користењето на камерите ќе даде вистински резултати.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот