Фото: Pexels

Зошто ни е важно што мислат другите: Како туѓото мислење го обликува нашето?

Колку пати сте верувале цврсто во нешто, сè додека некој близок не ви каже спротивно? Или сте можеби уште повеќе се зацврстиле во сопствените ставови затоа што вашите пријатели ги делат истите? Науката има одговор за тоа колку влијаат мислењата на луѓето околу нас – не само кога станува збор за избори или политика, туку во сите сфери на животот, пишува „Е-клиника“.

Туѓото мислење не го менува само нашиот став, туку и колку сме сигурни во него

Психолозите што ги проучуваат ставовите и мислењата нагласуваат дека социјалното влијание не само што може да го промени она што го мислиме, туку и да ја засили или ослабне сигурноста со која го браниме тој став. Ако чувствуваме дека другите мислат исто како нас – нашиот став станува посилен и поотпорен на промена.

Од друга страна, ако сме опкружени со спротивни мислења, се појавува сомнеж, несигурност и поголема отвореност кон промена на мислењето.

Што се „силни“, а што „слаби“ ставови?

Двајца луѓе може да поддржуваат иста идеја, но не со ист интензитет. Во психологијата, се користи поимот „јачина на ставот“ за да се опише колку некој е верен на своето мислење.

Силните ставови траат подолго време, потешко се менуваат, дури и кога се соочени со силни аргументи.

Луѓето кои се сигурни во своето мислење потешко го менуваат. Од друга страна, оние што имаат двојни чувства, и позитивни и негативни, полесно можат да го сменат својот став под влијание на други.

Мислењата стануваат посилни кога ги дели нашиот круг на блиски луѓе

Едно истражување од областа на социјалната психологија покажа дека кога блиските луѓе имаат исто мислење како нас, нашиот став станува отпорен на промена. Во експериментот, учесниците најпрво го оценувале својот став за смртната казна, потоа ставот на своите пријатели, семејство и колеги, а потоа читале текст против смртната казна.

Резултатот? Тие чии блиски делеле исто мислење, биле помалку подложни на промена на ставот откако го прочитале текстот. Исто така, се чувствувале посигурни и имале помалку внатрешни дилеми од оние чии социјални кругови биле различни.

Предности и недостатоци кога сите мислат исто како нас

Кога сме опкружени со луѓе кои не поддржуваат, се чувствуваме сигурно. Нашите уверувања изгледаат исправни, не ги преиспитуваме многу, и помалку сме склони на сомнеж. Но, тоа може да биде и замка. Увереноста во сопствените ставови често произлегува од чувство на припадност, а не од објективни факти.

Интересно е што, во некои случаи, луѓето ги зацврстуваат своите ставови баш затоа што сакаат да се разликуваат. Кога некој сака да биде уникатен или посебен, спротивното мислење може уште повеќе да го зајакне неговиот став.

Прашање за размислување: Чие мислење всушност го мислиш?

Следниот пат кога ќе се запрашате што навистина мислите за некоја тема – размислете: Дали тоа е навистина ваше мислење или е тоа одраз на мислењата на луѓето околу вас? Без разлика дали се стремиме кон прифаќање или индивидуалност, едно е сигурно: туѓите мислења имаат моќ – да нè поттикнат, зајакнат или разнишаат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!