Фото: Pexels/RODNAE Productions

Зошто поради инстант нудлите децата завршуваат во болница?

Според новата студија направена од тим на истражувачи од Медицинскиот Универзитет во Чикаго, инстант нудлите пакувани во садови погодни за подгревање во микробранова печка се причина за изгореници кај децата во Америка, објави „Њујорк пост“.

Истражувачите во периодот од 2010 до 2020 година испитале 790 случаи, во кои деца се здобиле со изгореници. Тие откриле дека кај 31 отсто (245 пациенти) причината била инстант нудли. Конкретно, под најголем ризик биле децата кои без надзор од возрасен биле оставени сами да подготвуваат порција инстант нудли.

„Искуството ни покажа дека секое второ дете кое го прашавме како се здобило со изгореници, ни одговори дека се повредило подготвувајќи инстант нудли, затоа сакавме да собереме повеќе легитимни податоци, за да потврдиме дали постои ваков тренд“, изјави Себастијан Роуви, доцент по хирургија на Медициснкиот Универзитет во Чикаго.

Роуви објасни дека топлината постигната со загревање на нудлите, може да предизвика изгореници од втор и трет степен кај секој, особено кај децата.

„Младите и децата се особено подложни на ваков ризик, поради фактот дека се мали по раст и имаат многу тенка и чувствителна кожа“, додава Роуви и алудира возрасните да не ги оставаат децата без надзор да подготвуваат нудли.

Истражувачите воочиле дека изгорениците од течноста во која се подготвуваат нудлите остава уникатни траги во споредба со изгорениците од вода, за што понекогаш е потребна хоспитализација, за да се санира хируршки, па дури во посериозни случаи е потребно и пресадување на кожа.

Ова не е првпат да има ваков тренд со инстант нудлите како причина за изгореници. Националната конференција на американската академија за педијатрија во 2018 објави стдудија направена во периодот од 2006 до 2016, која покажува дека инстант нудлите биле причина за изгореници кај 9.500 деца на возраст помеѓу 4 и 12 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот