Зоран Павлов, Комисија за управување со Охридскиот регион: На општините им е поважен бизнисот од УНЕСКО статусот

Урбанизацијата на Охридското крајбрежје продолжува и покрај препораките на УНЕСКО и заложбите на Владата за заштита на природното и културно наследство на Охридскиот регион,

– Овој случај отвора многу прашања, по се изгледа, дозволата за градење е со истечен рок, оти била издадена во 2018 година, а посетата на реактивната мисија на УНЕСКО беше во 2017 година. Не може да се дозволи во 2018 година да се носат урбанистички планови и да се издаваат дозволи кога година претходно мисијата децидно кажа „се стопира секоја урбана и крајбрежна трансформација“ – вели за Слободен печат Зоран Павлов, претседател на Комисијата за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион во врска со случајот со ресторанот „Парк“ на охридското крајбрежје, нагласувајќи дека ова е многу лош сигнал.

Критикувајќи го ставот на градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски по повод случајот „Парк“, Павлов вели дека сето ова доаѓа во време кога и Владата донесе неколку одлуки и препораки до општините да се усогласат старите плански документи, да се стопира урбанизацијата, да се донесе мораториум и т.н., но очигледно на некои општини поважен им е бизнисот отколку УНЕСКО статусот.

– Ако локалната самоуправа не е заинтересирана да се одржи тој статус време е државата да превземе поостри мерки, па и да одземе ингеренции, оти очекувам дека и во иднина ќе се јавуваат инвеститори кои ќе се повикуваат на стари урбанистички планови, додека општините не се решат да ги ревидираат во насока на препораките на УНЕСКО, што за мене е поразително што досега, после четири години, не е сторено. Да се случеше стриктен мораториум ова немаше да се случува, ама очигледно намерно бил оставен вакуум период за да се истераат вакви работи – дециден е Павлов.

Комисијата со која тој претседава и која трпи бројни критики поради неактивноста и неефикасноста во координирањето на институциите кои треба да се грижат за заштитата на Охрид, не функционира поради истечениот мандат, но нови членови се уште не се назначени од Владата.

Еко-активистите од „Охрид СОС“ неодамна алармираа дека се подготвува изградба на нов хотел на самиот брег на Охридското Езеро, во непосредна близина на хотел „Горица“ и на Студенчишко блато. Објектот на ресторанот е во првата зона, односно појасот од 50 метри од езерските води, каде, според Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион е забранета надградба или доградба на постоечките објекти и изградба на нови. Овој објект е дело на познатиот охридски архитект Павел Балабанов и претставува дел од охридското архитектонско наследство. Охридскиот градоначалник Георгиевски за случајот изјави дека целата работа е завршена и дека е доцна за реакции, како и тоа дека од правен аспект немало ништо спорно.

Министерот Нуредини за случајот „Парк“ во Охрид: Ги поддржувам сите активности кои се во согласност со законите!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот