Фото: Profimedia

Животната приказна на Грејс Кели: Беше една од најубавите жени, се омажи за проколната династија и животот ѝ заврши трагично!

Американската актерка Грејс Кели, која е родена на денешен ден во далечната 1929 година, се најде на листата со стоте најсекси жени во историјата на светската кинематографија и додека беше жива ја интригираше јавноста со својот изглед. Мажите, дефинитивно, не беа рамнодушни на нејзината „студена“ надворешност. И покрај успешната филмска кариера, Кели го доживеа врвот на својата слава кога стапи во брак со принцот Рејнер Трети од Монако. Во тоа кнежевство, кое стана нејзина втора татковина, таа загина во трагична сообраќајна несреќа на 14 септември 1982 година. Иако поминаа четири децении од нејзината смрт, таа сè уште е позната како една од најубавите и најинтересните жени на 20. век.

Нејзиниот татко, Џон Брендан Кели бил син на ирски имигранти и одличен спортист кој освоил три златни олимписки медали во веслање, а во исто време ја растел својата градежна компанија, која му донела милиони. Нејзината мајка, Маргарет Кетрин Мајер Кели, исто така била исклучително успешна и станала првата жена која предавала физичко образование на Универзитетот во Пенсилванија. Успехот бил генерално императив во семејството – чичко ѝ Волтер Кели бил почитуван актер, чичко ѝ Џорџ Кели ја добил Пулицеровата награда за претставата „Жената на Крег“, додека еден од нејзините роднини, Џон Леман Џуниор, некогаш бил секретар на американската морнарица.

Не е изненадувачки што Џон и Маргарет очекувале извонредност од нивните деца – синот Џон Џуниор и ќерките Маргарет (чиј прекар бил Пеги), Елизабет и Грејс. Децата биле воспитани во строг католички дух, сите морале да бидат посветени на спортот и да бидат големи поддржувачи на нивниот татко кој сакал да стане градоначалник на Филаделфија. Неговата желба за малку ќе станела реалност на изборите во 1935 година – неговиот главен противник го престигнал за само неколку десетици гласови.

„Татко ми беше во политиката десет години кога јас растев и го мразев тоа. Ни ги прислушуваа телефоните, нè следеа и беше страшно“, објасни Грејс Кели своевремено, а колку семејството било влијателно и богато говори и тоа што тие биле меѓу првите кои имале телевизор, кој таа обожавала да го гледа.

Грејс Кели како фотомодел во тинејџерските денови / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

Таа била бледо и болно дете, кое многу сакало да се занимава со глума. Нејзиното семејство било против тоа, особено бидејќи нејзиниот татко бил поборник неговите деца спортуваат. Малечката Грејс сакала да чита книги и да танцува балет. Меѓутоа, нејзината желба ѝ се остварила на 12-годишна возраст, кога ја добила главната улога во претставата „Не ги храни животните“.

„Мојата најголема среќа во животот беше Пеги. Отсекогаш верував дека Пеги ќе успее. Сè што може Грејс, Пеги да го направи уште подобро“, ја пофалил таткото својата најстара ќерка кога Грејс го добила филмското признание Оскар во 1955 година.

Ниту од мајка си не ја добила толку посакуваната љубов. Мајка ѝ барала и спроведувала строга дисциплина во својот дом, а нејзиното главно мото било дека угледот секогаш мора да се чува, на што актерката строго се придржувала подоцна во животот. Иако на прв впечаток делувала воздржано и елегантно, како што ја воспитувала нејзината мајка, во неа тлеел бунтовнички дух и силна сексуална желба. Откако завршила католичко училиште, од кое подоцна преминала во световно каде што била активна во драмски и танцови групи, на 18 години решила да се запише на актерска академија во Њујорк. Во тоа време било многу необично девојка на нејзина возраст да замине сама од дома. Сепак, родителите ја пуштиле, но под услов мајка и да ѝ најде место за живеење. Таа престојувала во хотелот за жени „Барбизон“, каде што мажи не смееле да престојуваат. Но, Грејс наоѓала начин да ги прикраде момчињата во собата и се погрижила никој да не дознае. Наводно, неколку пати била видена како топлес танцува низ ходниците на хотелот. Сепак, таа главно се облекувала во елегантни костими, носела фенси капи и се обидувала да зборува со британски акцент. Покрај многубројните љубовници, ова ѝ донело и модни ангажмани со кои заработувала за живот и повеќе не била зависна од родителите, а купила и стан на Менхетен.

 

„Кога почнав да работам, јас се почувствував ослободено. Почнав сама да заработувам пред мојот 19. роденден. Гледам многу убави нешта благодарение на феминистичкото ослободително движење, но гледам и некои несреќни страни. Понекогаш цената на слободата и независноста е осаменоста. Но, жените мора да имаат право на работа, сами да си ја изберат професијата, а денес им се отворени многу работни места, што одлично ги работат“, опиша Кели, која се декларирала како феминистка.

Фото: The Hollywood Archive / Hollywood Archive / Profimedia

Во тоа време таа започнала врска со Дон Ричардсон, универзитетски доцент и актер кој бил девет години постар од неа.

„Јавно се претставуваше како сосема поинаква отколку приватно. Разликата беше феноменална. Беше толку воздржана што луѓето ја гледаа како калуѓерка. Но, кога бевме сами, таа ми танцуваше гола на хавајска музика“, откри Ричардсон, со чија помош првпат се појави на Бродвеј во претставата „Татко“.

Набргу потоа, таа го напуштила Њујорк и се преселила во Калифорнија за да се обиде во светот на филмот. Првата улога ја добила на 22-годишна возраст во филмот „Четиринаесет часа“, нејзиниот прв голем филм бил „Напладне“, а две години подоцна глумела заедно со Кларк Гејбл во „Могамбо“, што ѝ ја донесе првата номинација за Оскар.

Таа станала глобална ѕвезда дури по филмот на Алфред Хичкок – „Повикај М заради убиство“. Иако не му бил омилен филм на Хичкок, тој бил одлична можност за Кели да си го покаже својот талент. За Хичкок таа била идеална русокоса – имала сталоженост, елеганција, софистицираност, убавина што го одзема здивот, а пред сè „оган“ што тлеел длабоко под ледената површина.

Сцена од филмот „Повикај М заради убиство“ / Фото: IFA Film / United Archives / Profimedia

На младата актерка ѝ се допаднал партнерот од филмот „Повикај М заради убиство“, Реј Миланд, кој поради неа се развел од сопругата. За време на снимањето на филмот „Провинцијалка“, таа била свршена со модниот дизајнер Олег Касини, но имала афера со колегата Бинг Крозби, кој тогаш бил свршен со Кетрин Грант и, наводно, сакал да ја одложи венчавката поради Кели. Некои биографи шпекулираат дека аферата ненадејно завршила откако Крозби ја фатил во кревет со актерот Марлон Брандо. Меѓу нејзините наводни љубовници се Вилијам Холден, Френк Синатра, Марк Милер, Тони Кертис и Дејвид Нивен. Меѓу нив се споменува и политичарот Џон Кенеди. Наводно, тие биле лудо вљубени еден во друг, а урбаната легенда вели дека Кели ненајавено се појавила во болница додека се опоравувал од операцијата на грбот во 1954 година. За изненадувањето да биде целосно, таа се облекла како медицинска сестра, што го воодушевило идниот претседател на САД.

Кели знаела како да ги сокрие своите афери, кои биле главно со постари и често женети мажи, сè додека не го запознала принцот Рејнер Трети. Пред да ја запознае Кели, тој се забавувал со француската актерка Жизел Паскал, која никогаш не станала принцеза бидејќи не можела да му даде наследник. Во 1955 година, годината кога го доби Оскарот за најдобра женска улога во филмот „Провинцијалка“, Кели гостувала на Канскиот филмски фестивал, каде што го запознала својот иден сопруг. Таа имала чувство дека е време, конечно, да си најде партнер со кој ќе ги исполни желбите на своите родители.

Сè што требала да направи е да ја раскине свршувачката со Касини и била слободна за Рејнер. На Божиќ, принцот го посетил семејството на Кејли во Филаделфија, по што тие се вериле. Целиот свет ја доживеал таа одлука како почеток на една убава бајка – принц и холивудска кралица. Но, малкумина знаеле дека оваа посета е договор за миразот што Кели требала да го донесе во бракот со осиромашениот принц. Покрај тоа, таа морала да помине и верски пречки за да се утврди дали воопшто е религиозно подобна за таа позиција, како и серија здравствени прегледи за да се утврди нејзината плодност.

„Самото стапување во брак е доволна причина за нервоза кај секоја девојка, а јас згора на тоа го напуштам и својот дом. Многу е емотивно“, изјави своевремено Кели, непосредно пред да ги напушти САД и да се пресели во Европа.

Венчавката на Грејс Кели и кнезот на Монако, Рејнер Трети / 19 април 1956 година /
Фото: TopFoto / Topfoto / Profimedia

Законот во Монако не признава само католичка венчавка, а парот најпрво се венчал цивилно на 16-минутна церемонија. која се одржала во собата на тронот со неколку важни функционери.

„Сега сум полуомажена“, весело изјавила Грејс за „Тајм“ по церемонијата.

Црковната венчавка, по која ги добила сите титули што ги носи една мажена жена, се одржала еден ден подоцна, на 19 април 1956 година, во катедралата Свети Никола. Таа церемонија траела повеќе од еден час, имала повеќе од 700 гости, а откако си размениле прстени, бискупот Жил Барт ги прогласил за сопружници и им оставил неколку минути да се молат во тишина пред олтарот.

Неколку дена пред самата венчавка, во палатата биле изложени многубројни подароци што им ги испратиле достоинственици, богати луѓе и државницо, меѓу кои имало нов Ролс Ројс, дијамантски кутии, подводна камера, порцелан, сервис за кафе, бродски барометар, кристален сад, но и секира од злато. Кели му подарила на својот сопруг златна кутија за бурмут, украсена со скапоцени камења, а тој ѝ подарил бисерен ѓердан и нараквица со дијамантски привезоци.

Нејзината венчаница од Хелен Роуз е прогласена за ремек-дело и денес се смета за една од најубавите венчаници некогаш направени.

Венчавката на Грејс Кели / Фото: Courtesy Everett Collection / Everett / Profimedia

По седумнеделниот меден месец за време на кој крстареле по Средоземното Море, брачната двојка објавила дека го чека своето прво дете – принцезата Каролина. После неа е роден престолонаследникот, принцот Алберт, а ќерката Стефани ја добиле дванаесет години подоцна. Оттогаш во јавноста се појавува само како мајка и сопруга, а не како актерка, а ги презела и многуте обврски кои доаѓаат со титулата принцез. Била вклучена во работата на бројни хуманитарни организации, станала претседател на Црвениот крст на Монако, но сепак не била исполнета и, наводно, била среќна само кога ќе запознала некој со кој може да разговара за родната земја. Таа често одела во САД да ги посети семејството и пријателите и нагласувала колку ѝ е важно да ги одржува тие врски.

Дисциплината која ја научила преку глумата ѝ помогнала во секојдневните кралски обврски, а иако знаела што значи да се биде во јавноста, сепак била изненадена од тоа колку медиумите се интересираат за нејзиниот живот. Најмногу ја погодувале лагите, но и од тоа колку нејзините деца биле истрауматизирани. Каролина се враќала дома во солзи затоа што не можела да игра тенис поради бројните папараци, а Стефани две години била водена на вежбање гимнастика во багажникот на автомобил за да не ја следат фотографите.

„Сакав да глумам и да работам во театар и филм, но не ми се допаѓаше да бидам филмска ѕвезда. Го сакав мојот занает, но не толку многу. Дури и кога бев во Холивуд, мојот приватен живот беше мој. Кога дојдов во Монако, мојот приватен живот стана јавен. Веќе немав приватност и морав да се прилагодам на тоа бидејќи јас и мојот сопруг сме јавни личности, но моите деца не се и тоа им пречи. Тоа е цената на славата и јас сум подготвена да ја платам до одреден степен“, изјави таа неколку месеци пред смртта, во интервју за американската телевизија Еј-би-си.

Кели објаснила дека ѝ пречи што медиумите пишуваат дека нејзините деца ќе повторуваат школска година, иако тие се одлични ученици, дека требало да раѓа 52 пати, барем околку колку што досега биле објавени тие лажни вести и сл.

Секако, Кели зборувала и за враќање на актерството. Тоа било невосможно.

Додека возела од Монако до Рок Енџел, каде се наоѓала нејзината селска куќа, на 13 септември 1982 година доживеала крварење во мозокот и изгубила контрола над нејзиниот „ровер“. Стефани, тогаш 17-годиша, била на совозачкото седиште и се обидела да го фати воланот, но автомобилот паднал по падината. Полицијата и итната медицинска помош брзо пристигнале на местото на несреќата и ги пренеле во манастирската болница. На Кели ѝ биле дијагностицирани тешки повреди на мозокот, градниот кош и бедрената коска и немало начин да и помогне. Таа умрела следната ноќ откако нејзиниот сопруг донел одлука да го исклучи апаратот за одржување во живот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот


error: Не е дозволено копирање на содржината !!