Жителите на Гази Баба на протест: Борбата против труењето од Вардариште веќе не е само на Аеродром

Жителите на Гази Баба денеска во 18 часот ќе протестираат на раскрсницата кај железничкиот премин кон Маџари Термо-рампа, за решавање на проблемот со дивата депонија Вардариште. Во исто време, протест ќе има и на крстосницата кај паркот „Авионче“.

– Борбата против труењето од Вардариште веќе не е само на Аеродром. Жителите на Гази Баба го креваат својот глас и денес во 18 часот ќе протестираат на раскрсницата кај железничкиот премин кон Маџари Термо-рампа (ул. Перо Наков, во Маџари) со јасна порака: Стоп за загадувањето, итно решавање на Вардариште! – се вели во повикот за протест.

Жителите на општина Аеродром утрово ја блокираа крстосницата кај мостот „Близнаци“, поради незадоволство од власта која не ги слуша нивните барања за решавање на проблемот со старата депонија Вардариште.

На мирниот собир пристигна и градоначалникот на Аеродром, Дејан Митески, кој се најде на удар од страна на граѓаните кои го критикуваа дека ова му е прв пат да се појави на нивен протест и дека никој од властите не сака да го реши овој проблем со старата скопска депонија која го труе целиот град. Митески не можеше да дојде до збор од револтираните граѓани, кои му рекоа дека ако сакаат властите можат веднаш да го исчистат Вардариште и да го решат проблемот.

Од Иницијативата „Стоп за Вардариште“ бараат од институциите да започне процес за конечно затворање на Вардариште, но и да се откријат и казнат сите кои досега предизвикуваат загадување со потпалување на пожари. Граѓаните бараат ригорозни мерки против граѓани и правни субјекти кои ќе продолжат да фрлаат отпад во Вардариште, со цел да се стави крај на ваквите незаконски активности.

Барањата, како што велат, ги доставиле до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, до Владата, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за внатрешни работи, Министерство за социјални политики, демографија и млади, Град Скопје, Општина Гази Баба и Општина Аеродром, но до сега не добиле одговор од ниту една институција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот