
Жедта за крв на разјарената толпа не е правично судење за Кочани – анализа на Коалицијата „Сите за правично судење“
Доколку обвинението за кочанската трагедија не е правно и фактички издржано, тоа само дополнително ќе ги одложува постапките, ќе ги измори семејствата на жртвите, на крај може да заврши со пресуди што ќе бидат поништени или оспорени токму поради неоснована или прекумерна квалификација.
Со обвинението против повеќе од 30 лица за трагедијата во Кочани институциите ризикуваат да ја преминат линијата меѓу вистинската одговорност и јавната претстава, односно поради задоволување на јавната жед за крв под наплив на емоции, системот удира по самарот, бидејќи не може по магарето, а селективната правда е само друга форма на неправда, констатира Коалицијата „Сите за правично судење“, која предупредува дека доколку обвинението за кочанската трагедија не е правно и фактички издржано, тоа само дополнително ќе ги одложува постапките, ќе ги измори семејствата на жртвите, а на крај може да заврши со пресуди што ќе бидат поништени или оспорени токму поради неоснована или прекумерна квалификација.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
– Со таков исход, правдата повторно ќе им биде ускратена токму на оние што ја бараат со најголема причина. Поради ова, потребно е судството да ја применува правдата доследно, а не популистички. Обвинителството мора да разликува меѓу морална одговорност и кривична одговорност, меѓу апстрактна и конкретна причинско-последична врска. Јавноста треба да продолжи да бара одговорност, но не преку спектакуларни пресуди во емотивно наелектризирани случаи, туку преку фер судски постапки, јасни обвиненија и аргументирани судски одлуки што ќе го издржат тестот на јавна и правна дебата. Во спротивно, правдата станува само симболичен обид за пресметка со неуспесите од минатото, а таквата правда не може да изгради доверба во судскиот систем и да го неутрализира чувството на неказнивост – се вели во јавната реакција на Коалицијата.
Поткупените не ја предизвикале смртта
Тие го цитираат републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој кажа дека „смртта не може да биде последица на корупцијата“, признавајќи дека обвинетите што земале поткуп или ја злоупотребиле службената положба не ја предизвикале смртта. Но сржта на проблемот, Коалицијата „Сите за правично судење“ ја гледа во тоа што системот не ги санкционирал навреме виновниците за корупцијата, но и во скандалозните измени на Кривичниот законик, кој власта уште го нема сменето.
Суспендирани инспекторите од УЈП кои најавувале контроли во кочанската дискотека на смртта
– Она што е уште позагрижувачко е причината зошто Обвинителството воопшто не поднесе обвиненија за корупција, иако во јавноста веќе беа споделени информации за случаи на поткуп, фалсификувани дозволи, пропуштање надзор, несовесно вршење на службата и злоупотреба на службената положба. Одговорот лежи во измените на Кривичниот законик од 2023 година, со кои беа намалени казните за коруптивни кривични дела, а со тоа беа и скратени роковите на застарување. Голем дел од потенцијалните дела веќе се застарени, не затоа што не постоела вина, туку затоа што државата доцнеше со постапување и затоа што државата сосема погрешно одлучи дека високата корупција не треба да се гони со високи казни и долги рокови на застареност. Поради ова, за да се надомести пропустот, Обвинителството се обидува да ги смести истите дејствија под друго кривично дело – тешки дела против општата сигурност – иако не постои директна правна врска помеѓу, на пример, поткупот за добивање дозвола за работа и смртта предизвикана од пиротехника во 2025 година – анализираат од Коалицијата.
Невладината организација, која активно ги следи судските процеси и актуелните постапки, ја споредува правната квалификација со „брана што попушта“ – структура ослабена поради повеќе години негрижа и корупција, што на крајот се урива под притисокот на водата. Но, оваа аналогија, според Коалицијата, колку и да е сликовита, не го одразува реалниот правен контекст на пожарот во Кочани, бидејќи трагедијата не настанала постепено, туку од несоодветна употреба на пиротехника во затворен простор, без соодветни услови за нејзино користење.
Суспендирани инспекторите од УЈП кои најавувале контроли во кочанската дискотека на смртта
– Дури и ако клубот работел незаконски со години, пожарот и смртта не беа предизвикани од самото постоење на клубот, туку беа предизвикани од одлуки и дејствија преземени таа конкретна вечер. Да се тврди спротивното значи да се прескокне причинско-последичната врска и да се припише смртта не на она што реално се случило, туку на дејствија што се случиле неколку години претходно. Во кривичното право постои одговорност само кога постои јасна и предвидлива причинско-последична врска меѓу дејството и последицата, односно само ако штетата е логична и очекувана последица од тоа што лицето го сторило – појаснуваат оттаму.
Ако службеникот кој пред неколку години издал незаконска лиценца за работа на клубот се гони за пожарот, според оваа логика, секој службеник што зел поткуп за технички преглед на возило или за издавање возачка дозвола во случаи кога не се исполнети условите, е виновен за секоја сообраќајна несреќа.
– Ако еднаш се откажеме од принципот на постоење причинско-последична врска помеѓу поведението и настанатата последица за да се утврди одговорност, тогаш секоја коруптивна постапка станува потенцијална основа за обвинение, но не за корупција, туку за која било идна трагедија. Ова не е правна логика, туку панично размислување поради кое системот удира по самарот, бидејќи не може по магарето – анализираат оттаму.
Ако првото лице на селективната правда е неказнивоста на моќниците или политичарите, но и казнувањето на најдостапните, најранливите или највидливите сторители, другото лице на селективната правда е да се задоволи јавната жед за крв, констатираат во анализата правниците од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Нужна е итна интервенција во Кривичниот законик
– Во обата случаи вагата на Јустиција не е балансирана. Разбирливо е што трагедијата предизвикува бес, кој го чувствуваме сите ние и неспорно е дека лаичкиот елемент на правото се должи токму на препознавањето дека правдата е истовремено и човеково чувство кое го чувствуваат сите луѓе. Но постои причина зошто правото е сепак наука, а судството е единствената професионална државна власт, бидејќи правдата мора да биде повеќе од само емоционална сатисфакција, а судскиот процес не смее да се претвори во суд на разјарена толпа – се констатира во анализата.
Новите осомничени функционери ќе се гонат со стари „поблаги“ санкции
Оттаму порачуваат дека кривичната правда мора да биде индивидуализирана, пропорционална, заснована на факти, намера и правни принципи, а не наоѓање масовна вина и медиумски притисок. Тие апелираат итна интервенција во Кривичниот законик, односно враќање на казните за гонење службени лица за корупција.
За трагедијата во Кочани првично се гонат повеќе од 30 лица за тешки дела против општата сигурност. На обвинителна клупа ќе седнат и министри и службеници од 2012 година посочени како директни виновници за пожарот.