Протести Украина против новиот антикорупциски Закон - Profimedia

Зеленски се соочува со критики дома и надвор поради новиот антикорупциски закон

Украина се соочува први масовни анти-владини протести од почетокот на војната, откако претседателот Володимир Зеленски потпиша закон со кој се ограничува независноста на клучните антикорупциски институции – потег што предизвика жестоки реакции и внатре во земјата и од нејзините западни сојузници, анализира Си-ен-ен.

Илјадници граѓани се собраа на плоштадите во Киев и Лавов, откако украинскиот парламент усвои закон кој овозможува политички назначениот јавен обвинител да добие надзор врз две клучни институции: Националното антикорупциско биро на Украина (НАБУ) и Специјализираното антикорупциско обвинителство (САПО).

Критичарите предупредуваат дека ваквиот потег директно ги загрозува напорите на Украина за членство во ЕУ, имајќи предвид дека Европската Унија постојано инсистира на независна борба против корупцијата како предуслов за интеграција.

Зеленски го бранеше законот во своето обраќање, тврдејќи дека се работи за елиминација на „руско влијание“ во институциите, особено по неодамнешните апсења на вработени во едно од телата под сомнение за соработка со руските служби. Сепак, тој наиде на жестоки критики и од јавноста и од неговите сојузници.

Поранешниот министер за надворешни работи, Дмиро Кулеба, го нарече денот на усвојување на законот „лош ден за Украина“. Војници на фронтот, како што пренесе Си-Ен-Ен, исто така го осудија потегот, сметајќи го за деморализирачки, особено додека „некои крадат додека други умираат за татковината“.

Антикорупциските тела во заедничко соопштение порачаа дека со законот се „лишија од гаранциите“ кои досега им овозможуваа ефективна работа. Побараа итно укинување на законот.

Критиките не доаѓаат само од внатре. Европската комесарка за проширување Марта Кос предупреди дека уривањето на независноста на НАБУ и САПО е „сериозен чекор назад“ и дека владеењето на правото е централна вредност за пристапните преговори со ЕУ.

Транспаренси Интернешнл – Украина оцени дека законот е удар врз една од најголемите демократски придобивки по Револуцијата на достоинството во 2014 година.

И Американската стопанска комора со седиште во Украина ја оцени мерката како „разочарувачка“, укажувајќи дека ја поткопува довербата во антикорупциската агенда на Киев.

Аналитичарите предупредуваат дека законот претставува „180-степенски пресврт“ од европскиот пат на Украина. Иако Зеленски тврди дека мерката е привремена и неопходна поради воените услови, законот предвидува контрола од јавниот обвинител да продолжи и три години по завршувањето на воената состојба.

-Иронично, токму борбата против корупцијата беше клучно ветување на Зеленски при изборната кампања во 2019 година. Иако неговата влада презеде одредени реформи во изминатите години, новиот закон фрла сенка врз неговата заложба и го става под прашање кредибилитетот на Украина во очите на меѓународната заедница, заклучува Си-Ен-Ен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот