Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Здружение на штедачи: Три години нема одговорност за случајот „Еуростандард Банка“

Оштетени штедачи од Еуростандард банка во писмо до јавноста потсетуваат дека на денешен ден пред три години се затвори банката.

„Се случувал осмислен, организиран и спроведен грабеж на депозитите од банката. И уште нема никаква одговорност од никого. Народна банка знаела и гледала со години додека се правеле нелегални трансакции внатре во Еуростандард банка, но оставила организираниот криминал да работи за да банката неминовно се затвори. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција покрена истрага за Еуростандард банка уште во февруари 2021 година. Пред повеќе време поминаа и сите законски рокови за изјаснување од обвинителството, но единствено што се случува е молк за организираниот криминал во Еуростандард банка“ се вели во обраќањето до јавноста од Здружението на оштетени штедачи.

За криминалот се осомничени раководните одговорни лица во Еуростандард банка. Тоа што се знае е дека се делеле кредити без исполнување на основни критериуми за нивно одобрување и не се почитувале низа законски обврски.

„Едно е сигурно. Осомничените раководни лица во Еуростандард банка се потписници на одлуките и налозите со кои се одобрувани кредити кои не можат да се наплатат, а истите се делени масовно без соодветни обезбедувања или само на основа на обични меници. Сторени се низа кривични дела. Од злоупотреба на службена должност и овластување, преку измама, фалсификување документи, перење пари и други приноси од казниво дело, и како резултат на сето тоа предизвикување стечај на банката. Тешки кривични дела од Кривичниот законик на Македонија за кои се одговара“ се додава во обраќањето.

Оттаму го споредуваат случајот со оној на ТАТ штедилницата.

Но нема никавка одговорност. Како да не се случило ништо. По големината на криминалот, Еуростандард банка е на ниво со ограбената штедилница ТАТ, криминал кој го паметиме од 1997 година. За разлика од Еуростандард банка, за ТАТ имаше брза реакција од надлежните институции и утврдена одговорност за сторениот криминал. Иако после 25 години од тогаш банкарскиот сектор многу напредна технолошки во начинот на следење на трансакциите и можностите за утврдување одговорност за нелегални трансакции, за криминалот во Еуростандард банка се молчи иако е се познато на основа на конкретни материјални докази достапни на обвинителството веќе подолго време. Но сега, за разлика од тогаш, владее тишина за организираниот криминал во Еуростандард банка, се додава во обраќањето до јавноста.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот