Фото: Sergii Koval / Alamy / Profimedia

Здрав велигденски десерт: Колачиња од морков и ореви со глазура од крем сирење

Тортата од морков е популарен избор за велигденските празници. Станува збор за слатко задоволство со сочна подлога од морков и ореви, богато прелиена со глазура од крем сирење, пишува „Пун куфер“.

Состојките кои инаку би ги користеле за торта од морков можете да ги искористите и за подготовка на нешто поедноставно, но подеднакво вкусно.

Колачињата од морков и ореви се лесни за подготовка. Се печат за околу 15 минути, а кога целосно ќе се оладат, се премачкуваат со вкусна глазура од крем сирење, која потсетува на филот за чизајк.

Потребни состојки:

За колачињата:

  • 300 г рендани моркови
  • 300 г брашно
  • 250 г омекнат путер
  • 200 г кафеав шеќер
  • 140 г сечкани печени ореви
  • 100 г бел шеќер
  • 2 големи јајца
  • 2 мали лажички екстракт од ванила
  • 1 мала лажичка цимет
  • 1 мала лажичка прашок за печиво
  • 1/2 мала лажичка сода бикарбона
  • 1/2 мала лажичка мелен ѓумбир
  • Прстофат сол

За глазурата:

  • 400 г шеќер во прав
  • 250 г омекнато крем сирење
  • 125 мл омекнат путер
  • 1 мала лажичка екстракт од ванила

Подготовка:

Колачиња: Во голем сад изматете го путерот со кафеавиот и белиот шеќер, околу три минути, додека не се добие мазна смеса. Додајте ги јајцата и екстрактот од ванила, па продолжете со матење.

Во друг сад измешајте ги брашното, прашокот за печиво, содата бикарбона, циметот, ѓумбирот и солта. Постепено додавајте ја смесата со брашно во претходната смеса и мешајте додека не се соединат. Рачно измешајте ги ренданите моркови и сечканите ореви.

Со две лажици формирајте колачиња и ставете ги на плех обложен со хартија за печење. Оставете растојание од околу 5 см меѓу нив бидејќи ќе се зголемат при печењето.

Печете во претходно загреана рерна на 180°C околу 14–16 минути, додека не бидат целосно испечени. Оставете ги да се оладат пред да ги премачкате со глазурата.

Глазура: Изматете го омекнатиот путер и крем сирењето додека не се соединат. Додајте шеќерот во прав и ванилата и матете додека не добиете мазна глазура. Премачкајте ја глазурата врз изладените колачиња и послужете ги со малку сечкани ореви по желба.

На здравје!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот