
Збирката раскази „Нешто трето“ од Максим Ристески е објавена во издание на „Или-или“
Издавачката куќа „Или-или“ ја објави збирката раскази „Нешто трето“ од Максим Ристески. По одличниот прием на дебитантскиот роман „Пештера“, авторот на читателите им „подарува“ раскази во кои подеднакво ќе уживаат. Книгата е 236. издание во популарната едиција „ПРОаЗА“.
Препорачано
– Расказите на Максим Ристески кријат комплексни светови и длабоки пораки за промените што се случуваат во духовната стварност, а кои без сомнение ќе бидат предизвикувачки за македонската читателска јавност. Обликувани во јасен, богат и сликовит израз, со обмислени и динамични реченици и внимателно селектиран избор на зборови, расказите од оваа збирка на Ристески се потврда за стилската особеност и дарба на овој раскажувач, кој допрва треба да биде вистински препознаен од критиката и публиката – посочува рецензентката Ана Мартиноска за новата книга на Ристески.
Максим Ристески (Скопје, 1973) со пишување се занимава повеќе од 30 години, како новинар, копирајтер, текстописец, сценарист… Бил музичар, а продолжува да се занимава и со ликовна уметност. „Нешто трето“ е неговата прва збирка раскази, по романот „Пештера“.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 276, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13.4.2025)