
Завршува ЕУ-проектот РЕАД, кој преку книжевноста поврза пет држави
Конференцијата на добитниците на субгрантови од проектот „Регионална мрежа за културна разновидност“ (РЕАД), а воедно и завршна конференција на целиот проект, се одржува од 5 до 7 јуни во хотелот „Холидеј Ин“ во Скопје. Проектот е финансиран од ЕУ и имаше за цел преку културна размена во областа на книжевноста да поврзе пет држави.
Препорачано
На Конференцијата се споделија видливите резултати од четиригодишниот проект, кој остави траги во регионалната културна сцена во Северна Македонија, Албанија, Косово, Србија и Турција.
Дел од резултатите се: 92 грантови на регионални граѓански организации; 13 изданија на литературни фестивали; 457 автори, преведувачи и активисти присутни на фестивалите; 57 преведени книги и нивни промоции; 39 регионални работилници за млади; 30 автори кои имаа едномесечен резиденцијален престој во една од земјите учесници; и преку 15.000 луѓе беа допрени преку проектот „РЕАД на тркала“.
На Конференцијата официјално се обратија ЕУ Амбасадорот Дејвид Гир, Амбасадорката на СР Германија Петра Дрекслер, раководителката на Гете-институт Скопје во Македонија Катрин Оствалд – Рихтер, како и проект менаџерот Марија Чорбева-Пеновска.
Исто така, учество земаа раководителите на партнерите на проектот Бујар Лума од ЦБЦ „Лоја“, Северна Македонија, Маја Вуковиќ Бисерко од „Крокодил“, Србија, Ирена Точи од Албанија и Мехмет Демирташ од Турција, авторите Ѓоко Здравески, поет од Македонија, како и поетесата Радмила Петровиќ од Србија.
Дел од темите беа и „Вештачката интелигенција и издаваштвото“, „Достапни фондови за финансирање на проекти за млади“, како и „Зацврстувањето на културата преку соработка на владиниот и невладиниот сектор“.
– Проектот РЕАД го постигна токму тоа што вообичаено го прават книгите, отвори нови канали за комуникација меѓу културните актери во регионот и нови видици за соработки и партнерства на културен план – истакнуваат од Гете-институт Скопје.
Регионалниот ЕУ-проект РЕАД имаше за цел да промовира вештини за читање меѓу рaзличните култури и демократски вредности преку зголемување на интересот за читање, ставајќи на располагање висококвалитетни книжевни дела од регионот.